Од ОЈО велат дека доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, соодветно ќе постапат надлежните јавни обвинителства

Јавното обвинителство и полицијата координирани преземаат мерки и активности по протестите на групи граѓани кои бараа да возат без возачка дозвола, а чии автомобили биле одземени. За време на протестите изминатите два дена, од видеата што се споделуваа на социјалните мрежи можеше да се види дека на патиштата што беа блокирани има запалени гуми, а можеше да се слушне дека дел од граѓаните упатуваа и закани кон полицијата.
Од Јавното обвинителство велат дека се дадени насоки за испитување на евентуални елементи на кривични дела од членовите 319 и 387 од Кривичниот законик. Исто така, додаваат дека ќе се испитуваат евентуално и други дела кои се гонат по службена должност.
„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, соодветно надлежните јавни обвинителства ќе постапат“,
рекоа денеска од Обвинителството.
Член 319 од Кривичниот законик се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а казната за тој што ќе ја предизвика е затвор од една до пет години. Доколку делото го врши со злоупотреба на положбата или ако дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Во членот 387 во Кривичниот законик, кој е за организирање отпор, се вели дека тој што ќе организира други форми на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. А, доколку поради ова дело дошло до неспроведување или до отежнување на спроведувањето на законитата одлука, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
Протестите на групи граѓани дојдоа како реакција на измените во Законот за прекршоци кои беа донесени за да може да профункционира системот „Безбеден град“.
Дел од демонстрантите тврдеа дека се дискриминирани бидејќи немаат соодветно образование за да аплицираат и да полагаат за возачка дозвола.
