Посочи дека токму кога ја објавил кандидатурата за градоначалник, владејачките партии ексклузивно го нашле договорот што се однесува на Самитот на ОБСЕ, а кој веќе една година јавно е објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки
Кандидатот на Националната алијанса за интеграции (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денеска изјави дека договорот за организација на Самитот на ОБСЕ веќе една година е објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, како и дека двете најповикани институции како Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не констатирале никакви забелешки во врска со него.
Оваа негова изјава следува по обвинувањата на владејачката партија за сомнежи за незаконски постапки при организирањето на Самитот на ОБСЕ што минатата година се одржа во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање дека одредени медиуми објавиле ексклузивен документ кој потврдува одредени пропусти во организирање на Самитот на ОБСЕ, Османи рече дека истиот тој документ веќе една година е објавен на веб-сајтот за јавни набавки.
„Смешно е да се каже дека сте обезбедиле ексклузивен документ што веќе една година е објавен јавно, ама ексклузивно е обезбеден вчера од партиските штабови. Тој договор е пратен до Антикорупциска комисија лично од мене. Вратен е со писмен документ дека не е најдена ниту една забелешка. Пратен е до Обвинителството, кое има донесено одлука дека не е најдена ниту една забелешка. И тоа не сум го направил поради владејачките партии што тогаш беа опозициски, туку поради гостите што дојдоа во Северна Македонија на историски најголемиот настан“,
рече тој.
Посочи дека токму кога ја објавил кандидатурата за градоначалник, владејачките партии ексклузивно го нашле договорот што се однесува за Самитот на ОБСЕ, а кој веќе една година јавно е објавен на веб-сајтот на Бирото за јавни набавки и за кој двете најповикани институции, како Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија имаат писмен извештај дека не се констатирани ниту најмали неправилности.
Коалицијата ВЛЕН пред два дена до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе пријава против Османи, со образложение дека Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил оти над 120 милиони денари се потрошени за Самитот на ОБСЕ што се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, и тоа без документација и евиденција додека тој беше министер за надворешни работи.
Според ВЛЕН, извештајот на ДЗР отвора сериозни сомнежи за злоупотреби на јавни пари.
Оттаму очекуваат Јавното обвинителство да отвори случај и да покаже дека, како што велат, истите правила важат за сите и дека сите граѓани се еднакви.
Претходно Османи изјави дека немало ревизија за Самитот на ОБСЕ, туку за спортскиот центар „Борис Трајковски“ во врска со тоа како тие ја прифатиле опремата.
Според него, обвинувањата на оваа тема се измислени.