Сослушувањата ќе се вршат поединечно и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите. Во својот исказ, застапникот ќе може да предложи и други лица од семејството што имаат сознанија за настанот
Семејствата на жртвите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани следните денови ќе бидат сослушани од страна на јавните обвинители што постапуваат во истрагата за овој случај, информираат денеска од Јавното обвинителство на РСМ.

Оттаму велат дека на тој начин тие ќе можат да ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон, како и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
Во следните два дена, Обвинителството во соработка со волонтерите од „Супорт Кочани“ ќе ги контактира блиските на починатите за да се утврди времето и местото во кое можат да го остварат своето право.
„Сослушувањата ќе се вршат согласно утврден распоред од 27 мај (вторник) до 29 мај (четврток) во просториите на јавното обвинитеелство во договор со оштетените“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Сослушувањата ќе се вршат поединечно и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите. Во својот исказ, застапникот ќе може да предложи и други лица од семејството што имаат сознанија за настанот.
Од Обвинителствогто посочуваат и дека сè уште е активен повикот до сите што имаат лични сведоштва за несреќата, како и информации и докази во однос на работата на т.н. дискотека во Кочани и поврзаните фирми со неа.
Тоа може да се направи со пополнување на следниот формулар за пријава, кој потоа треба да се испрати електронски на наменската адреса: [email protected].
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред два дена рече дека истрагата што се води за трагичниот настан во Кочани треба да заврши за десетина дена, по што додаде дека одбраната ќе има можност за увид во доказите.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица.
Семејствата на настраданите денеска во Кочани ќе го одржат седмиот протестен марш, со што бараат неселективна правда.