По денешните реакции за пресудата, од Основниот кривичне суд Скопје, за одговор на новинарските прашања во врска со темата, упатија на Судскиот совет, кој како што велат, оттаму е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт
Основното јавно обвинителство Скопје ќе чека да ја добие пресудата и образложението за изречената казна, па потоа ќе донесе одлука дали ќе се жали за висината на казната што вчера Основниот кривичен суд Скопје и ја изрече на докторката Мери Пешевска во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти болни од канцер.

Ова е одговорот од Јавното обвинителство на новинарски прашања по денешните реакции за пресудата за Пешевска, особено во делот на изречената санкција.
„Признанието вина и осудителната пресуда изречена за една од обвинетите во предметот “Онкологија” е потврда за основаноста на наводите во обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје. Висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот, а обвинителството сè уште не ја добило пресудата и образложението за изречената казна. По приемот, јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе вложи жалба во однос на висината на санкцијата“,
се вели во одговорот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Инаку, за изречената условна казна денеска реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде одлуката на Судот ја оценија како скандалозна бидејќи за делото за кое е обвинета докторката е предвидена затворска казна до три години.
За коментар на пресудата новинарите денеска го прашаа и премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски не ја коментираше директно пресудата, туку се осврна на неговите општи ставови кон македонското судство и обвинителство, кои, како што рече, досега многупати биле кажани и разговарани.
Нив премиерот ги изнесе на брифингот со новинарите во петокот, говорејќи за Реформската агенда која го вклучува и правосудството, а ги повтори и денеска.
Тој наведе дека секогаш кога се зборува за доцнење во процесот на носење закони што значат реформи во судството и обвинителството, јавноста треба да знае дека тие закони, или вкупно шест на број, во суштина се однесуваат на зголемување на средствата што од буџетот треба да се одвојуваат за судството и за обвинителството. Според проектираните реформи, тој процент за судовите треба да биде 0,8 отсто од БДП и 0,5 отсто за обвинителството.

Овие зголемувања на буџетите, според Мицкоски, директно ќе имплицираат зголемување на платите на судиите и обвинителите, кои, како што вели тој, не ги заслужуваат и оние што ги добиваат сега.
„И секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие сега и овие плати што ги земаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за кои вие сега зборувате“,
рече Мицкоски.
На изјавата на премиерот реагираа од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), наведувајќи дека Мицкоски повторно се обидел да ја изманипулира јавноста со празни флоскули за судството и обвинителството.
„Наместо конкретни реформи и решенија, тој уште еднаш демонстрира дека единствен интерес му е политичка контрола и дневно-политички поени. Фактите се јасни, откако е на власт, Мицкоски не донесе ниту еден реформски закон за судството. Неговиот неспособен министер за правда од ЗНАМ (Игор Филков н.з.) за цела една година не спроведе никаква промена. Наместо ветените промени, Мицкоски го претвори правосудството во партиска филијала – со судии сопружници на негови градоначалници и роднини на неговите коалициски партнери. Денес тој зборува за “мачнина” од платите на судиите и обвинителите, а вистината е дека граѓаните чувствуваат мачнина од неговата неспособност и лицемерие“,
велат социјалдемократите и додаваат дека премиерот сака судство заробено во неговиот партиски систем, а не независно и праведно.
Докторката од Клиниката за онкологија, Мери Пешевска, како второобвинета во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти, вчера во одвоената постапка што се водеше за неа откако призна вина, беше осудена на две години условна казна затвор, која нема да се изврши доколку во наредните пет години таа не стори друго кривично дело.
Образложувајќи ја пресудата, судијката Снежана Марковска, меѓу другото, рече и дека изрекувањето условна осуда не претставува избегнување на казната и дека во конкретниот случај може да се оствари целта на казнувањето.
Марковска додаде дека при одмерувањето на казната судот ги ценел како отежнувачките, така и олеснителните околности и во тој контекст наведе дека со признанието вина обвинетата покажала дека ја прифаќа целата одговорност да се соочи со последиците од стореното.

По денешните реакции за пресудата, од Основниот кривичне суд Скопје, за одговор на новинарските прашања во врска со темата, упатија на Судскиот совет, кој како што велат, оттаму е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
„По повод медиумските прашањата во однос на изјавите поврзани со неправосилната судска одлука К. бр. 1069/25, односно пресудата за раздвоената постапка по повод признание на вина во предметот во јавноста познат како „Онкологија“, Кривичениот суд Скопје ја известува јавноста дека со зголемено внимание ги следи јавните реакции. За сите одговори, срдечно ги упатуваме медиумите да се обратат до Судскиот совет на Република С. Македонија кој е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции“,
се наведува во соопштението од Кривичен.