Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство, не откривајќи детали околу тоа колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција

По насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот, информираа од ОЈО ГОКК, посочувајќи дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.
Од Обвинителството, исто така, посочуваат дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
„Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон“,
посочуваат од Обвинителството.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство, не откривајќи детали околу тоа колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, рече дека остава работата да ја заврши обвинителството. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.
„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат“,
изјави вчера Мицкоски.
Ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, тврди дека Мицкоски не бил следен и прислушуван во негово време.