По кратка вербална расправија околу одлуката за раскин на договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал и го удирал со боксови неколку пати во главата, притоа држејќи ги устата и носот на оштетениот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт
Во соопштението на Основното јавно обвинителство се наведува оти 53-годишниот Жарко Грозданоски брутално го убил 76-годишниот Климе Митрески во неговиот дом, со цел да го спречи во намерата да го раскине договорот за доживотна издршка преку кој убиецот требало да наследи големо богатство од сега починатиот. Дополнително, се наведува оти е донесена наредба за спроведувуање истражна постапка за сторителот на делото.
Пред три дена, 53-годишниот Жарко Грозданоски од Брвеница, како што велат од Обвинителството, од користољубие го убил 73-годишниот Климе Митрески со цел да го спречи во обидот да го раскине договорот за доживотна издршка што тие го слкучиле кај нотар во февруари минатата година. Согласно тој договор, осомничениот по смртта на Митрески требало да добие голем имот, а оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој договор.
По кратка вербална расправија околу одлуката за раскин на договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал и го удирал со боксови неколку пати во главата, притоа држејќи ги устата и носот на оштетениот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дише, го напуштил местото.
„Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видеонадзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка се обезбедени и други снимки од видеонадзор за неговото движење, како и други материјални докази“,
велат од Обвинителството.
Оттаму велат и оти сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите, па затоа јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување на мерка притвор.
Како што објавивме претходно, приведениот 53-годишниот Жарко Грозданоски е анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, во одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Тој е лидер на организацијата „Христијанско братство“ и против него во 2019 година е поднесена кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев. Тој во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, освен за Заев, и за експремиерот Никола Груевски вели дека е предавник.
Дел од членовите на организацијата „Христијанско братство“, меѓу кои и Грозданоски, учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година. „Христијанско братство“ и Гроздановски се дел и од протестите против уставните измени во 2018 година.
За лидерот на организацијата „Христијанско братство“, Жарко Грозданоски, кој вчера беше уапсен како осомничен за убиство на 76-годишен охриѓанец, има обвинение и за друго дело, дознава „360 степени“.
Во 2012 година тетовскиот Основен суд постапувал по обвинение против него и за кривичното дело оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста.
