Како што информираат од ОЈО Скопје, осомничениот пожарот го предизвикал вчера на улицата „Ѓорче Петров“, каде што со запалена хартија од табла за јајца потпалил сува трева
Скопското Основно јавно обвинителство поведе постапка и бара притвор за 57-годишниот скопјанец кој вчера беше уапсен под сомнение дека предизвикал пожар во Општина Ѓорче Петров.

Осомничениот се товари за кривичното дело предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик (КЗ) бидејќи намерно подметнал пожар со кој предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што информираат оттаму, 57-годишникот пожарот го предизвикал на улицата „Ѓорче Петров“, каде што со запалена хартија од табла за јајца потпалил сува трева.
„Со настанатиот пожар биле зафатени и изгорени околу 200 квадратни метри тревна површина, а постоела реална опасност огнот да излезе од контрола и да зафати неограничен круг објекти во населено подрачје“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Поради тежината на кривичното дело и предвидената затворска казна од пет години, надлежниот јавен обвинител оценил дека постои ризик осомничениот да побегне за да избегне кривичен прогон, поради што побара од Судот да му определи мерка притвор.
Педесет и седумгодишен скопјанец со иницијали Д. Н. беше приведен вчеравечер откако бил забележан од граѓанин како околу 21:40 часот запалил сува трева на улица во Општина Ѓорче Петров.