Јавната обвинителка Фатиме Фетаи побара да се одбие жалбата на одбраната на Јованов како неоснована, жалбата на ОЈО Скопје да се уважи, а неговата казна да се преиначи и да се осуди на повисока
Бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд Скопје побара намалување на казната на обвинетиот или враќање на предметот на повторно постапување поради суштествени повреди во постапката
Во Апелацискиот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата на Кривичниот суд Скопје со која Васил Јаванов е осуден на казна затвор од 12 години, откако призна вина за делото – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Обвинителството бара преиначување на казната и Јованов да биде осуден на повисока казна затвор, а одбраната бара нејзино намалување.
Во судницата беше присутен и Васил Јованов, спроведен од затворот „Скопје“. Уште еднаш изрази каење за делото.
„Уште еднаш сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство на семејството на загинатата. Имам голема грижа на совеста за тоа што се случи и болката што ја предизвикав“,
рече Јованов.
Судијката известител за предметот, Александра Ристовска, рече дека до Судот е стигната жалба по овој предмет од страна на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, со барање за повисока казна затвор, како и дека жалба на пресудата има и Васил Јованов, преку неговиот бранител, со барање за преиначување на казната со поблага или да се укине и врати на повторно постапување.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи побара да се одбие жалбата на одбраната на Јованов како неоснована, жалбата на ОЈО Скопје да се уважи, а неговата казна да се преиначи и да се осуди на повисока.
„Жалбите се неосновани. Дополнително и без таа правосилна пресуда која не постоела за време на носење на одлуката, но која постои во овој момент, неспорно е образложението на Судот дека обвинетиот наместо да се свести за последиците, седнува зад волан, без возачка дозвола, под дејство на алкохол и на црвено удира во пешакот Фросина Кулакова. Дополнително во текот на првостепената постапка наоѓам дека Судот правилно ја утврдил вината за делото, но негативно во висината на казната затвор“,
рече Фетаи на седницата во Апелација.
Според неа, тоа што против обвинетиот има и други предмети за прекршоци во сообраќајот, покажува дека обвинетиот не се одвратил од повторување на делото и тоа не влијаело на ревидирање на неговото однесување, туку напротив, продолжил со несмален интензитет.
„Неспорно казната требало и треба да гравитира во горната граница“,
кажа таа.
Бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на денешната јавна седница во Апелацискиот суд Скопје побара намалување на казната на обвинетиот или враќање на предметот на повторно постапување поради суштествени повреди во постапката.
„Институтот признание на вина се дава за некоја цел – да се избегнат големи и долги судења, да се стави до знаење на сторителот дека криминалот не се исплати и секако да има некаква олеснителна околност за обвинетиот. Секаде во светот е така. Видете го доказот – видеото снимено неколку минути по настанот за да процените дали неговото каење е искрено или од страв за запретената казна. Признанието на вина е искрено и категорично каење“,
рече Дуковски.
Според него, пресудата е донесена на 7 мај годинава, кога против Васил нема друга правосилна пресуда и тоа не може да биде отежнувачка околност.
„На моментот на носење на пресудата Васил Јованов е неосудувано лице и Судот мора да внимава на тоа по службена должност“,
кажа тој.
На Судот му укажа да посвети особено внимание на доказот – известување од Основниот суд Скопје од 26 февруари 2025 година, на кое тој поднел жалба, но оттаму не одговориле, посочувајќи дека обвинителниот акт е подигнат на 27 март, месец дена подоцна.
Како пример, адвокатот на Јованов посочи и друга пресуда на Апелација за истото дело, која е преиначена и намалена на осум години.
На 13 мај годинава, Основниот кривичен суд Скопје му изрече дванаесет години казна затвор на Васил Јованов за прегазувањето на младата Фросина Кулакова во сообраќајката што на крајот на јануари годинава се случи во Скопје.
Пресудата ја соопшти судијката Снежана Марковска, која претседава со Судечкиот совет во врска со предметот.
Пред изрекувањето на пресудата, таа се осврна на кривичното дело тешки тела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за која рече дека е предвидена затворска казна од најмалку четири години, а највисоката казна според Кривичниот законик може да изнесува 20 години. Таа рече дека при одредувањето на пресудата и видот и висината на казната биле земени предвид отежнувачките и олеснителните околности во однос на обвинетиот.
Речиси веднаш по изрекувањето на пресудата бурно реагираше таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој ја напушти судницата извикувајќи: „Судот е мафија”; „Мафија судска”.