Како што информираат од ОЈО Скопје, обвинителот што го води предметот бара притвор за Стаменковски бидејќи постојат околности дека може да побeгне, да го повтори делото, како и за да се заштитат жртвите на кривичните дела кои му се ставаат на товар
Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство поднесе предлог до судија на претходна постапка, на сопственикот на „Доказ“, Марјан Стаменковски, да му биде одредена мерка притвор.
Стаменковски, како што информира денеска Обвинителството, е осомничен за повеќе кривични дела, меѓу кои и за ширење расистички и ксенофобичен материјал, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Вчеравечер по наредба на судија на претходна постапка во неговиот дом бил извршен претрес во кој, покрај откриени документи и електронски уреди, била пронајдена и поголема сума пари за кои Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска достави Предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривично дело – Уцена од чл. 259 ст. 1 в.в. чл. 19 од КЗ, кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл. 157-б ст. 1 од КЗ, две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г. ст. 1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст. 1 од КЗ“,
се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.
Притворот, како што информираат оттаму, е предложен бидејќи постои опасност тој да ги повтори кривичните дела за кои се товари, а дополнителна околност за ваквото барање е и потребата да се заштитат жртвите кои биле подложени на изразен говор на омраза и на закани од страна на осомничениот.
„Притворот е предложен бидејќи на товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет-портал, преку кој, искористувајќи познанства и релации со различен профил на лица, преземал противправни дејствија во континуитет, што упатува дека ќе ги преземе и во иднина доколку не му биде определена мерка притвор и биде оставен да се брани од слобода. Осомничениот се служел со сопствениот интернет-портал, знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица, како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледлива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи. Дополнителна околност во таа насока е потребата да се заштитат жртвите, кои биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку компјутерски систем и преку интернет-порталот на осомничениот“,
велат од скопското обвинителство.

Покрај тоа, Обвинителството информира дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, поради што оттаму сметаат дека е неопходна мерката притвор за обезбедување на неговото присуство.
„Со оглед на широкиот круг на потенцијални жртви од активноста на веб-порталот на осомничениот во подолг временски период, Основното јавно обвинителство Скопје охрабрува и други евентуални оштетени од вакви кривични дела да ги пријават“,
порачуваат од ОЈО Скопје.
Како што потврдуваат за „360 степени“ од Основниот кривичен суд, Стаменовски веќе е спроведен во судот каде што, по распитот, судијата на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на Обвинителството или ќе му одреди некоја друга мерка за обезбедување присуство.
Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека предметот против сопственикот на „Доказ“ бил оформен откако во текот на минатата и почетокот на оваа година повеќе жртви поднеле кривични пријави против осомничениот во врска со објавени содржини на неговиот веб-портал.
Меѓу пријавителите на кривичните дела, како што се наведува во соопштението, се една телевизија, свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), две новинарки и истражители ангажирани во скопското обвинителство.