Покрај барањето за одредување мерки на претпазливост, ОЈО Скопје до кривичниот суд поднесе барање за отпочнување подготвителна постапка против малолетничките
Одделението за малолетници при скопското обвинителство денеска до судијата за деца во Основниот кривичен суд поднело барање за подготвителна постапка против четирите малолетнички за кои постои сомнение дека го извршиле врсничкото насилство во скопско Ѓорче Петров.

Дополнително, Обвинителството до Судот поднело предлог на малолетничките да им се одредат мерки на претпазливост имајќи ги предвид околностите, тежината и начинот на сторување на делото.
МВР во понеделникот поднесе кривични пријави против една 17-годишничка и три малолетнички на возраст од 14 години кои во два одделни настани насилно се однесувале кон друго 13-годишно девојче. Вчера кривични пријави заработија и родителите на девојчињата поради сомнение дека ги запуштиле своите деца и ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, што довело тие да го извршат кривичното дело.
„Пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка“,
соопштија попладнево од скопското обвинителство.
