Постапката е поради основано сомнение дека четворицата со заеднички дејствија учествувале во извршување кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека е поведена постапка против четири лица за кои од судот вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Постапката е поради основано сомнение дека четворицата со заеднички дејствија учествувале во извршување кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица. Во текот на денот, јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои сè уште постапуваат надлежните органи, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина“,
соопшти Обвинителството.
Вчера во фирмата „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, што се занимава со електронски отпад, избувна голем пожар. Се создаде голем облак од црн чад, видлив од цело Скопје и околината.
По пожарот, надлежните информираа дека нивото на радијација во воздухот не е зголемено, а се мери нивото на радијација во почвата и водата.
Беше информирано и дека има високо загадување на воздухот во непосредна близина на пожарот, а Министерството за животна средина најави официјални мерења од акредитирани лаборатории на чии резултати и натаму се чека.
Вечерва од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека на местото на пожарот и натаму има слабо чадење.
„Од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани. Се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето“,
соопшти ДЗС.