„Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, рече обвинителката

Максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев побара Основното јавно обвинителство Скопје денеска во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, Обвинителството побара судот да му одреди соодветната затворска казна.
Како што посочи обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска, исказите на обвинетите дадени пред Обвинителството не се совпаѓаат со исказите дадени пред судот, ниту, пак, како што рече, се совпаѓаат со изведените докази.
Според неа, не е нужно да се утврди мотивот за убиството, туку, како што рече, тој е субјективен однос на злосторникот кон делото.
„Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“,
рече обвинителката.
За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, обвинителката рече оти учествувал во киднапирањето на ќерка си и затоа бараат соодветна казна за тоа.
„Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”,
додаде таа.

Стојковиќ-Димитровска се осврна кон одбраната дадена од страна на обвинетиот Велибор Манев. Нагласи дека обвинетиот тврдел дека сакале да го грабнат Панче, но не и да го убијат, како и дека Вања била грабната по грешка, но, како што рече, и двете тврдења се неосновани.
„Велибор тврдеше дека сакале да го грабнат Панче, а не да го убијат. Но, Палчо го убил, а Велибор се согласил. Дури и го закопал Панче и не пријавил во полиција. Го зел ’цитроенот’. Се придружил и кон второто дело. Купил ракавици, чистел траги. Учествувал затоа што имал корист. Сакал пари, небитно дали со киднапирање или со убиство. Зел и лопата, покрај селотејп, вреќа, значи бил согласен и со второ убиство. Тврдеше дека е грешка Вања, но ни ова не е основано. Сите рекоа дека имале слика од детето, знаеле кого ќе грабнат. Оваа одбрана е дадена со желба за намалување на одговорност. Неспорно е дека соработувал во откривањето на делата“,
рече Стојковиќ-Димитровска.
Таа додаде дека исказот во Обвинителството даден од страна на обвинетиот Боре Видевски се совпаѓа со исказот на другите обвинети. Вели неговата одбрана се состои од негирање пред судот иако претходно ги признал делата што му се ставаат на товар во исказот даден пред Јавното обвинителство.
„Исказот во Обвинителството се совпаѓа со исказот на останатите. Нема докази за тортура, не се пожалил пред Обвинителството. Тортурата ја користи како изговор. Во распитот кажа детали, оти беше изненаден што е фатен и немаше време да смисли одбрана. Знаеше сѐ, време и место на делата. Неговиот исказ пред Обвинителството се поклопува не само со еден, туку со три искази на останатите обвинети. И за Александар даде ист исказ како Манев. Неосновано е и дека бил на работа во критичниот ден, а не бил. Снимки од Велес побараа од одбраната, како доказ, но на тие снимки ги нема обвинетите. Тој има пиштол, но не знае каде е. Ги извршил делата и не покажа каење“,
рече обвинителката.
За обвинетиот Влатко Кешишев рече дека тој се обидел да се прикаже само како послушник на првообвинетиот Љупчо Палевски и дека не бил соизвршител, но, според обвинителката, од доказите произлегува дека е соизвршител бидејќи копал дупка, вршел обиколка околу куќата на Манев, ги закопувал убиените, носел радиостаница и ги возел обвинетите.
„Свесен е дека Палевски имал пиштол и дека во гепекот имало човек. По убиството учествувал во палењето на ’цитроенот’. Ако видел што му се случило на Панче, можел да претпостави што ќе се случи со второто грабнато лице. Несоборливи се доказите против него. Евидентен е неговиот придонес во откривањето на делата, но и тој како Манев пропушти да изнесе сѐ и да покаже каење“,
кажа обвинителката.

За првообвинетиот Палевски, беше нагласено дека ја водел целата операција, креирал алиби и уништувал докази. Според Обвинителството, снимките и другите докази ја утврдуваат неговата вина.
„Тврдеше дека снимките од пред куќата во мај е од друг период, мај 2023, но тие го немале возилото ’рено кангу’ пред септември 2023. Палевски за себе се обидувал да создаде алиби. За 22 ноември се обиде алиби да му биде Ерол Османи, дека му го поправал котелот, но Османи тврди друго. За 27 ноември нема алиби, тврди дека бил во банка, но тоа е после 11 часот, а детето е убиено пред 9. Тврдеше дека нема податоци од базните станици за неговиот телефон, но тие постојат и не му одат во прилог. За време на злосторот носеле радиостаници. Сите обвинети имаат повици после 11 часот“,
рече обвинителката.
Правните застапници на оштетените семејства на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во судот се изјаснија дека ги прифаќаат во целост завршните зборови на Обвинителството, кое побара доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев.
Адвокатката рече дека мајката Зорица и сестрата Миња се приклучуваат кон кривичното гонење и поднесуваат писмено барање за отштета за нанесена нематеријална штета.
Кон кривичниот прогон се придружија и ќерките на 74-годишниот Панче Жежовски, кои како и Зорица, бараат нематеријална отштета за душевна болка и за опоравување.
Следните рочишта се закажани за 18 и за 20 јуни кога треба да почнат завршните зборови на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
Завршните зборови од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски почнаа во понеделникот со обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска.
Крстевска-Јосифовска, заокружувајќи ги завршните зборови на Основното јавно обвинителство Скопје, рече дека тешката финансиска состојба во која биле обвинетите бил мотивот да ги извршат двете грозоморни убиства на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.