Ивановска денеска на својот фејсбук-профил информира дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата полицајци затропале на нејзината врата да ѝ врачат кривична пријава

Основното јавно обвинителство Скопје се огласи во врска со кривичната пријава што ја добила поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, нагласувајќи дека станува збор за покана за испитување и оти таа на ниту еден начин не се доведува со нејзините политички активности.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Ивановска денеска на својот фејсбук-профил информира дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата полицајци затропале на нејзината врата да ѝ врачат кривична пријава.
„Синоќа во 20:30 ч. двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“,
напиша таа.