Според него, по трагедијата не е направена ниту една законска промена во прописите што ги регулираат условите за работа на угостителските објекти
Посочи дека останува нерасчистена околност кој и зошто го заклучил вториот влез во дискотеката. Тоа, додава дека е нешто што ќе треба да се утврди во процесот
Адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на поранешниот советник во Министерството за економија, Шофкет Хазари, обвинет во предметот на судскиот процес за „Пулс“ денеска во гостување на ТВ Сител зборуваше за тоа како е поставен случајот од страна на Јавното обвинителство, но и за тоа кога би можела да се очекува негова разрешница.

„Судскиот процес почна во ноември минатата година, редовно се одржуваат главните расправи, закажани се шест во март, шест во април и во мај. Така како што е поставен од Јавното обвинителство, во тој предмет ќе видиме се, освен правда. Вака поставено обвинение, со ваква правна квалификација, може да не однесе каде било, освен брзо да го завршиме и тие што се виновни да бидат осудени согласно законските прописи“,
вели тој.
Смета дека правната квалификација за сите 37 обвинети во случајот е иста, а тоа е предизвикување општа опасност и соучесништво, односно дека тие се обвинети дека заедно свесно го запалиле „Пулс“ во Кочани, што, според него, е апсурд.
„Предизвикување општа опасност е непосредно кривично дело, што сега се извршува. Во конкретниот случај, не може луѓе што работеле во државната администрација во процесот на издавање на лиценците на кабарето, да ги обвините дека го подметнале или предизвикале пожарот. Тоа нема здрава логика, ниту правен елемент во тоа обвинение“,
рече Шилегов.
За тоа дека постапките на обвинетите придонеле за да се случи трагедијата во Кочани, вели дека ако е така, тогаш тие треба да одговараат за други кривични дела, а не за како што рече, народски кажано, за подметнување на пожар, односно предизвикување општа опасност.
„Тогаш тие можат да се подведат под други кривични дела, како злоупотреба на службена должност, несовесно работење во службата, до примање мито, ако некој се сомнева дека тоа било причина за издавање на документацијата. Не се земаат в предвид решавачките факти, односно што е потребно за еден правен субјект да поднесе за да ја добие лиценцата за работа. Тоа се пет документи од Законот за угостителство, без да се изврши увид да лице место“,
вели адвокатот.
Според него, по трагедијата не е направена ниту една законска промена во прописите што ги регулираат условите за работа на угостителските објекти.
„За мене е неприфатливо што по ваква трагедија не е сменет ниту еден пропис“,
кжа тој.
Посочи дека пожарот во „Пулс“ настанал како резултат на недозволено, противзаконско, нестручно и несовесно ракување со огнени ефекти во затворен простор.
Објасни дека такви пиротехнички прскалки не смеат да се користат во објекти од ваков тип, бидејќи претставуваат сериозен ризик.
„Не сакаме да ја изговориме причината. Не сакам да префрлам вина кон членовите на бендот, покојни се. Смртните последици, пак, најмногу настанале заради стампедото што се случило по избувнување на пожарот. Останува нерасчистена околност кој и зошто го заклучил вториот влез во дискотеката. Тоа е нешто што ќе треба да се утврди во процесот“,
вели Шилегов.
Се осврна и на родителите на загинатите во трагедијата, посочувајќи дека за тие луѓе, секое ново судење е нова траума.
„Не постои пресуда што тие луѓе ќе ги направи задоволни. Тие луѓе изгубиле деца. Не можете тука да очекувате дека нешто како пресуда ќе ги задоволи. Проблемот е што ваквото судење ќе трае најмалку две години. Наместо да влеземе во процес на брзо завршување и осудување на виновните лица, ние влегуваме во еден процес што е спирала, што е неблагодарно за оние што загубиле деца“,
кажа тој.
Според него, ако сакаме да се ресетира системот, тогаш, додаде дека тогаш предметот треба да се води онака како што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Посочи дека тројцата поранешни градоначалници на Општина Кочани, обвинети во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, според него, не се виновни и немаат никаква јурисдикција над издавањето на спорните лиценци.
Ја критикуваше логиката на Јавното обвинителство во судскиот процес за трагедијата, посочувајќи на сериозен правен парадокс. Според него, Обвинителството неосновано се повикува на некаков каузалитет и континуитет за издавањето на лиценците наназад низ годините, додека ја игнорира фактичката состојба на терен.
„Јавниот обвинител не е виновен, а криви ни се градоначалници, службеници, инспектори … Па, што правеше обвинителот таму 12 години? Од 2012 година работи ‘Пулс’. И сега се повикува на некаков си каузалитет и континуитет. Лиценцата е годишен документ. Се издава за период од-до. Нема каузалитет. Ново барање, нова лиценца“,
изјави Шилегов, прашувајќи како може сите локални институции да бидат виновни, но не и Обвинителството кое како независен орган требало да ги гони кривичните дела.
