Ставот на Обвинителеството доаѓа откако родителите на загинатите од вчерашниот „Марш за ангелите“ побараа средба со обвинителите за да им биде разјаснето кој опфатен со обвинителниот акт, а кој е изземен и зошто
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е подготвено да организира средба со родителите на жртвите од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

Ова денеска го соопштија од Обвинителствотово во одговор на новинарско прашање, откако родителите на загинатите од вчерашниот „Марш за ангелите“ побараа средба со обвинителите за да им биде разјаснето кој опфатен со обвинителниот акт, а кој е изземен и зошто.
„Јавното обвинителство стои на располагање и доколку семејствата имаат такво барање во следните денови ќе организира средба на која ќе ги информира за сите аспекти од поднесеното обвинение без да ја нaруши натамошната постапка. Воедно, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во обвинителството добија и директен контакт и им беше посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката“,
велат од Јавното обвинителтство на Република Северна Македонија.
Вчера од деветтиот по ред „Марш за ангелите“ во Кочани родителите порачаа дека очекуваат транспаретност и директна комуникација со надлежните институции, бидејќи како што рекоа ништо не разбрале од презентацијата на обвинителниот акт од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски во петокот.
Барањето на родителите го прочита Марија Петрушева, мајка на Андреј Панов кој загина во катастрофалниот пожар, наведувајќи дека сакаат да бидат запознаени со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои се физичките и правни лица што се опфатени со него, против кого се води постапка, а кој е изземен од одговорност.
„Имаме право да знаеме како родители, како оштетени и како граѓани кои се лицата што се обвинети, кои не се повикани и кои се причините за тоа“,
рече Петрушева.
Во таа насока, таа наведе дека посебно загрижува фактот што и покрај, како што рече, нивните укажувања и конкретни наводи, одредени лица не се повикани ниту на распит.
Како што наведе Петрушева ваквото барање во писмена форма в понеделник ќе го достават до Основното јавно обвинителство Кочани.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Шефот на обвинителството Љупчо Коцевски кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.