Во меѓувреме, јавен обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, соопшти Обвинителството

По големиот пожар што вчера избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, на терен излегол и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, но, соопштуваат оттаму, увидот не може да почне бидејќи пожарот не е изгаснат целосно.
Оттаму додаваат и дека сè уште траат активности за обезбедување на локацијата.
„Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот“,
велат од Обвинителството.
Денеска, Министерството за здравство соопшти дека се хоспитализирани 13 лица, но и дека сите се во добра здравствена состојба. Осум лица, вработени во фабриката, се наоѓаат на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Вчера, од кочанската болница кажаа дека дел од повредените имаат изгоренции на нозете, а дел инхалациони повреди од вдишување чад.
Огнот во фабриката позната по брендот „Винчини“ го гаснеа бројни противпожарни екипи од територијалните противпожарни единици на Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Стихијата, според ЦУК, избувнала во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. Трите погони се уништени.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Од Стопанската комора соопштија дека и тие биле вклучени во напорите за гаснење на пожарот, а била алармирана и Владата. Оттаму изразија жалење за претрпената материјална штета и најавија формирање кризен штаб со сопственикот на фабриката, која е нивна членка, за целосно нормализирање на состојбите.