Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе одлука за формирање привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела при организирањето и спроведувањето на изборите. За претседател е определен Џељаљ Бајрами.
Настаните поврзани со претстојните предвремени парламентарни избори, закажани за 15 јули, се од општ интерес на јавноста, па оттука, формирана е комисија која проактивно ќе ги следи настаните, во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно дејствување.
„Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик“,
информираат од обвинителството.
Тие апелираат до граѓанските организации, политичките партии, домашните и меѓународни институции и сите лица кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected].