Од Бирото за јавни набавки денеска информираат дека според увидот на управната контрола, ЈСП избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел
Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП „Скопје“), информира државното Јавно обвинителство.

Оттаму посочуваат и дека Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) ги следи сите информации во врска со проблемот со јавниот превоз во главниот град.
Во Скопје денеска јавниот превоз е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП.
„360 степени“ од владини извори дознава дека Владата се вклучува во решавање на проблемот со јавниот превоз.
Според нашите информации, денеска во 14 часот ќе се одржи итна владина седница за надминување на состојбата во Градот Скопје со недостиг на гориво за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
Од Бирото за јавни набавки денеска информираат дека според увидот на управната контрола, ЈСП избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел.
Според Бирото, Градот Скопје треба навремено да реагира и да ги искористи законските можности што му стојат на располагање, со цел да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка.
Од Град Скопје преку писмено соопштение прстот за настанатата криза со доставувањето нафта го вперија во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека станува збор за креирана криза.
Оттаму велат дека од моментот кога премиерот Христијан Мицкоски „отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за скопјани, отпочна и голготата на претпријатието.