Сега, откако Основниот кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката, оттаму велат дека доставениот обвинителен акт, согласно Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС, ќе биде распределен на совет за оцена на обвинителен акт
Предметот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што беше оформен по поднесен обвинителен акт од кочанското Основно јавно обвинителство денеска од Основниот суд во Кочани е доставен во Основниот кривичен суд Скопје.

Ова доаѓа откако Врховниот суд на Република Северна Македонија неодамна го уважи предлогот и донесе решение со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по обвинителниот акт за пожарот во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени го определи скопскиот Основен кривичен суд.
Одлуката беше донесена откако Врховниот суд утврди дека Основните судови во Штип и во Струмица немаат доволен број судии од кривична област за кои не постојат законски пречки да постапуваат во овој предмет.
„Согласно решението на највисокиот суд, кој постапувал по предлог на Апелацискиот суд Штип, за определување на стварна и месна надлежност за постапување по предметот, Врховниот суд анализирајќи го кадровскиот и техничкиот потенцијал на Основните судови во Штип и во Струмица, како судови со проширена надлежност на територија на Апелациско подрачје Штип, утврдил дека во наведените судови нема доволен број судии од кривична област за кои нема законски пречки да постапуваат по конкретниот предмет“,
соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
Имено, од Судот во Скопје велат дека поради обемноста и сложеноста на предметот, бројот на обвинети и оштетени, обемниот доказен материјал и јавниот интерес, највисокиот суд во државата оценил дека по предметот треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност и законито постапување.
Сега, откако Основниот суд кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката, оттаму велат дека доставениот обвинителен акт, согласно Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС, ќе биде распределен на совет за оцена на обвинителен акт.
По приемот обвинението ќе биде доставено и до обвинетите, по што ќе почне да тече законскиот рок за приговор, што според Законот за кривична постапка (ЗКП) изнесува осум дена.
„По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена (на обвинителниот акт) а за исходот странките и јавноста ќе бидат навремено известени“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје.

Неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференцијата тогаш кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапката значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.