На денешното рочиште Обвинителството изведе дополнителна снимка на која е видлив моментот кога обвинетиот Велибор Манев става лопата во возилото „рено кангу“. На прашање на новинарите зошто била прикажана оваа снимка, обвинителката Стојковиќ-Димитровска кажа дека таа била одговор на тврдењата на обвинетите дадени во нивните искази дека немале мотив да убиваат, туку само да грабнуваат луѓе
Обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, кои го застапуваат обвинението против петтемина обвинети за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, велат дека мотивот за убиството на девојчето е користољубие.

Ова тие го кажаа во изјава за медиумите по завршувањето на денешното рочиште, на кое се изведуваа дополнителни докази, одговарајќи на прашање на новинарите кои се доказите дека мотивот е користољубие бидејќи Вања била убиена без претходно да се бара откуп.
„Апсолутно, во случајот се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата обвинетите заедно се договарале и се координирале да ги преземат сите дејствија со цел да остварат користољубие. Со убиството на Вања се докажува дека сите заедно ги презеле дејствијата само заради таа причина. Причината за тоа што не е побаран било каков износ на парични средства или било што друго очигледно било во контекст на целта којашто сакале да ја остварат, а не дека нема користољубие во случајот“,
рече обвинителката Крстевска-Јосифовска.
Нејзината колешка Стојковиќ-Димитровска, надоврзувајќи се на прашањето, рече дека за мотивот дополнително ќе се изјаснат во завршните зборови.
„Денеска не беа изведувани докази на таа околност и ќе ни дозволите до крајот на постапката да се изјасниме“,
рече таа.
Инаку, на денешното рочиште Обвинителството изведе дополнителна снимка на која е видлив моментот кога обвинетиот Велибор Манев става лопата во возилото „рено кангу“.
„На снимката од 24 ноември 2023 година во 4:29 часот, но реално време 3:29, се гледа како пред куќата на обвинетиот Манев стои обвинетиот Боре Видевски и чека. Манев излегува и се гледа дека од дворот на куќата излегува ‘рено кангу’ и во него влегува Видевски и се упатуваат во насока кон Велес. Овој дел од снимката веќе беше изведен и прикажан на главната расправа, а она што не беше изведено е следново. Откако возилото заминува во насока на Велес, на снимката се гледа како после една минута и нешто, во 3:32 часот, истото се враќа назад и застанува пред дворот. Обвинетиот Манев излегува, се упатува кон дворот, односно кон куќата и за кратко време, во 3:34 часот, се враќа во возилото и во десната рака држи лопата и ја внесува во возилото. Седнува на возачкото седиште и заминуваат кон Велес. Ова е датумот 24.11.2023 година, кога е направен првиот обид за грабнување на детето Вања Ѓорчевска“,
рече обвинителката на рочиштето.
На прашање на новинарите зошто била изведена оваа снимка, обвинителката Стојковиќ-Димитровска кажа дека таа била одговор на тврдењата на обвинетите дадени во нивните искази дека немале мотив да убиваат, туку само да грабнуваат луѓе.
„Но, тоа што тие дополнително се враќаат само за да ја стават лопатата, да ја земат со себе, односно ја имаат заборавено, укажува токму на спротивното од нивните искази дека тие не биле подготвени за убиство. Од таа причина беше изведена и таа снимка како доказ. Не дека ние претходно го немавме, знаете дека и претходно беа изведувани докази дека тие во возилата носат лопати, па се враќаат и ја вадат лопатата, меѓутоа ова беше во насока на нивниот т.н. мотив даден во одбраната“,
Прашани дали сѐ уште го бараат пиштолот, таа одговори дека имаат доволно докази кои укажуваат на вината на сите петмина обвинети.
Во врска со несовпаѓањето на чаурата, Стојковиќ појасни дека е стандардна процедура кога Обвинителството дава наредба за да се направи вештачење на одредена чаура, таа потоа се споредува со чаурите во системот на МВР, на околност да истата соодејствува со некое оружје или чаури коишто се пронајдени или оружје искористени при кривично-правен настан.
„Бидејќи тоа е стандардна процедура во самото вештачење не е наведено таа околност бидејќи не е дојдено до резултати кои се потврдени, односно чаурата при компаративна анализа покажала дека не се совпаѓа со некое оружје коешто било изведено при кривично-правен настан ни со оружје или чаура за кои во МВР имаат податоци. Тоа е стандардна процедура и затоа не е наведено вештачењето. Но, бидејќи обвинетиот Палевски инсистираше, манипулираше со јавноста и со судот дека такво вештачење намерно не е направено, Обвинителството, со цел да ги побие таквите наводи, ете, се обрати и до МВР до двете лаборатории. Тоа што цела јавност го знае беше потврдено дека доколку и не постои оружјето за да можат да се спореди или доколку не постои испалување од оружјето не можеме да го поврземе со чаурата со оружјето од коешто е испалено“,
рече обвинителката.

На денешното рочиште Обвинителството презентираше докази кои покажуваат дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиството на Вања и Панче, како и дека нема достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал обвинетиот.
Во изјава за медиуми, бранителите на Палевски и Видевски побараа вештачење на пронајдената чаура.
Адвокатот Бојан Манев го доведе во прашање недостигот на траги за испукување од оружјето на Боре Видевски во базата на МВР, сметајќи го тоа за контрадикторно. Тој тврди дека има потврда за легалноста на оружјето, но без записи за испукување, што го нарекува пропуст или намерно занемарување.
Бранителот на Палевски, адвокатот Јовица Страшевски, побара вештачење на чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски, критикувајќи го Обвинителството што не ги истражило сите регуларни пиштоли. Според извештаите, чаурата не се поклопува со постоечките податоци, а иако Видевски има легална дозвола за оружјето од 1998 година, нема записи за испукување.
На почетокот од денешното рочиште, во делот на доказна постапка, Палевски презентираше службени белешки од видеодокази од камерите на хотелот „Романтик“, кои, според неговото образложение, потврдуваат учество на три лица, а не четири во грабнувањето на Панче Жежовски.
Главната расправа ќе продолжи со дополнение на доказната постапка и на 21 мај.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, најави дополнение на доказната постапка во делот за имотната состојба на Александар и постапката која се води за денационализација за значителен имот во Кучково. Тој во изјава за медиумите повтори дека од она што произлегло во досегашниот тек на судскиот процес укажува дека неговиот клиент на никаков начин не е поврзан со случајот и нема никаква вина.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27, односно на 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.