Крстевска-Цалева доаѓа на местото на поранешниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кого Советот на јавни обвинители на 9 декември го разреши од функцијата јавен обвинител, на негово барање
Советот на јавни обвинители на денешната седница ја определи обвинителката Наташа Крстевска-Цалева за в.д. виша јавна обвинителка на Вишото јавно обвинителство Скопје. До изборот на нов шеф на ова обвинителство, но не подолго од шест месеци, таа ќе биде на чело на скопското Вишо јавно обвинителство.

Ова следува откако Советот на јавни обвинители на 9 декември констатира престанок на функцијата јавен обвинител на Мустафа Хајрулахи, поранешниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, на негово барање.
Хајрулахи претходно беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на Вишото јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинителката Наташа Крстевска-Цалева во февруари годинава беше определена да ја извршува функцијата виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје додека траеше суспензијата на Мустафа Хајрулахи.
