Нивните имиња деновиве во јавноста беа споменати во насока дека наводно рекетирале познат бизнисмен и дека за тоа била поднесена кривична пријава, која според наводите се чувала во фиока
Обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми најавуваат дека ќе поднесат кривична пријава против бизнисмен за лажно пријавување откако дел од медиумите, како и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, деновиве излегоа со обвинувања за наводна афера „Рекет 2“.

Нивните имиња деновиве во јавноста беа споменати во насока дека наводно рекетирале познат бизнисмен и дека за тоа била поднесена кривична пријава, која според наводите се чувала во фиока.
„Информациите говорат дека постои ‘Рекет 2’ и дека Основното јавното обвинителство отворило предистражна постапка, но тука застанал целиот процес и предметот се ставил во фиока. Во случајот биле опфатени поранешната претседателка на СЈО, Катица Јанева и други тројца активни обвинители, кои се обиделе да рекетираат познат бизнисмен. Македонската јавност заслужува да знае, дали овој случај се држи во фиока затоа што се крие и штити некој од СДС и ДУИ, и дали со тоа им оставаат простор истите да ја дефокусираат јавноста?“,
наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Имињата на Стефанова и Рустеми во истиот контекст беа наведени од суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, против кого пред два дена беше поднесено обвинение за малтретирање во вршење на службата.
Двајцата обвинители, Стефванова и Рустеми, кои беа дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО) во изјава за „Фокус“ ги демантираат ваквите наводи и најавуваат кривични пријави за лажно пријавување.
„Инсистирам и барам Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) итно да постапи и да ги испита наводите од пријавата во која ќе се докаже дека сум опфатена без ниту една реална основа. Јас воопшто не сум водела никаков предмет против подносителот на пријавата. Единствена причина поради која сум пријавена е моето учество во надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје, каде што еден од предметите опфатени со надзорот беше токму предметот во кој незаконски беше повлечена жалба на решението за запирање на постапката против подносителот на пријавата, со што беше нанесена штета од повеќе милиони евра. Бидејќи и самиот подносител знае дека не сум сторила никакво кривично дело, а сепак ме пријавува, откако ОЈО ГОКК ќе го утврди тоа низ една законита постапка, јас ќе иницирам постапка против него за лажно пријавување кривично дело“,
изјавила за ,,Фокус” обвинителката Лиле Стефанова.

И обвинителот Бурим Рустеми вели дека пријавата против него е целосно неоснована и дека е поднесена без ниту еден доказ. Вели дека пријавата против него е поднесена од обвинето лице против кое тој го водел предметот „Поштенска банка“.
„Му поднесов обвинение со сомненија за сторен милионски криминал. Доколку вишиот јавен обвинител не одлучеше неосновано да ја повлече жалбата на решението за запирање на постапката, тој предмет ќе продолжеше и ќе завршеше со осудителна пресуда. Од таа причина, мотивите за поднесување ваква лажна пријава за мене се повеќе од јасни и немам намера да ги премолчам. Подносителот на лажната пријава ќе го пријавам за лажното пријавување на кривично дело“,
изјавил Рустеми.

Повикувајќи се на неофицијални извори, ,,Фокус” пишува дека подносител на пријавата против двајцата обвинители е бизнисменот Томе Главчев, кој беше еден од обвинетите во случаите на СЈО, „Поштенска банка”.
Предметот го водеше обвинителот Рустеми, но тој пропадна откако вишиот обвинител Јован Цветановски ја повлече жалбата. Овој случај, пак, се најде и во извештајот на обвинителите кои неодамна извршија надзор над работата на скопското вишо обвинителство и утврдија дека обвинителот Цветановски неосновано се откажал од предметот. Во комисијата која ја вршеше ревизијата, пак, учествуваше обвинителката Лиле Стефанова.
Откако пред два дена беше соопштено дека Основното јавно обвинителство Штип поднело обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи во изјава за МИА рече дека тоа доаѓа откако неколку дена претходно во поткаст кажал против Лиле Стефанова и Бурим Рустеми од страна на МВР е поднесена кривична пријава по истите наводи како што беше случајот со “Рекет 1“.
„Зошто се прави денеска (9 септември) и зошто баш во овој период е повеќе од јасно бидејќи пред неколку дена на еден поткаст обзнанив дека против двајца поранешни јавни обвинители од СЈО, односно против Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, од страна на МВР е поднесена кривична пријава по истите наводи како што беше случајот со ‘Рекет 1’, сега ова е крстено како ‘Рекет 2’. Сакајќи да го пренасочат вниманието и јавноста да не се заинтересира за случувањата во тогашното СЈО, а по однос на предметот ‘Рекет 2’, Јавното обвинителство сега после два месеци излегува со соопштение за поднесеното обвинение“,
рече Хајрулахи.
Обвинението, додаде тој, е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој, според Хајрулахи, заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи, петтемина вработени во Вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на овој начин сакаат да ги заштити обвинетите во предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“.
Покрај ова обвинение, од Обвинителството, соопштија дека се обезбедени докази и е поднесен обвинителен предлог во однос на службеното постапување на Хајрулахи и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, со кој се товарат дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Обвинетите, во временскиот период од јануари 2023 година до август 2024 година, во Вишото јавно обвинителство Скопје, заедно со учество во дејствија на извршување на делото, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со тоа што преземале службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања. Спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот“,
соопштија во вторникот од Јавното обвинителство на РСМ.

Иако не беше наведен со име и со презиме во соопштението на Обвинителството, вишиот јавен обвинител кој е опфатен со обвинителниот предлог е Јован Цветановски.
Тој во изјава за МИА, истиот ден, ги отфрли наводите во обвинението, а во образложението што го наведе ја спомена и наводната афера „Рекет 2“.
„Обвинението не е во правна сила. ОЈО Штип го поднело до Основниот суд Штип, кој се огласил за ненадлежен и се уште трае процедурата кој суд ќе биде надлежен, што значи дека обвинетите не се запознаени за ова обвинение. Формалноправно ова е обвинение кое не е во правна сили и дали ќе биде не се знае, сепак треба судот да одлучи. Денешното соопштение е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација дека постои предмет ‘Рекет 2’ по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од поранешното СЈО, од кои што Стефанова го правеше надзорот врз мојата работа на предмети на СЈО и наводно таа утврдила злоупотреба“,
изјави Цветановски.
Во написот, „Фокус“ потсетува дека бизнисменот Главчев уште пред шест години сведочеше во случајот ,,Рекет”, кој се водеше против Катица Јанева и Бојан Јовановски, и тогаш под заклетва за кривична одговорност истакна дека не му биле барани пари во истрагата за ,,Поштенска банка”. Тогаш бизнисменот негираше дека бил рекетиран за случајот.