Во однос на психијатриското вештачење извршено врз обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, обвинителката кажа дека сите можеле да ги сфатат и да раководат со постапките критичните денови

Во продолжението на завршните зборови на денешното рочиште од главната расправа за убиствата и грабнувањата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска се осврна наодите од вештачењата направени во тек на истрагата.
Наведе дека и Вања и Панче биле застрелани во главата и наведе детали од обдукцискиот наод.
Посочи дека во близина на дупката каде е најдено телото на Жежовски бил најдена чаура од испукан куршум со калибар од 9 милиметри.
Во телата на двете жртви, како што кажа обвинителката, немало траги од алкохол (етил алкохол) и медикаменти.
Во однос на психијатриското вештачење извршено врз обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, обвинителката кажа дека сите можеле да ги сфатат и да раководат со постапките критичните денови.
„Од вештиот наод за обвинетиот Љупчо Палевски произлегува дека е психички здрав со уредна интелигенција и можел да ги сфати постапките и да раководи со нив“,
рече обвинителката.
Што се однесува до жртвите Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вештачењето утврдило дека тие имале силно страдање во моментот кога им било предочено дека ќе бидат убиени.
Во врска со увидот на вештачењата на возилата, „ситроен“ и „рено кангу“, обвинителката во завршните зборови кажа дека на пневматиците на второто немало траги од земја од местото на убиството на Вања бидејќи возилото било вештачено десетина дена по настанот поради што такви траги не можеле да останат на пневматиците.
Обвинителката Крстевска-Јосифовска во излагањето се наврати на чаурата најдена во близина на местото каде што бил закопан Жежовски.
Овде таа кажа дека чаурата е со калибар од 9 милиметри, а ист калибар било и зрното од куршум извадено од телото на малолетната Вања.
Во однос на тоа дали некој од обвинетите поседува оружје, обвинетата кажа дека има евиденција за Боре Видевски кој поседувал пиштол „чешка збројовка“, но за кој не биле направени пробни испукувања од пиштолот. Затоа не е направена компаративна анализа со чаурата најдена во близина на дупката каде бил најден Жежовски, кажа обвинителката.
Обвинителката во детали ги наведе анализите од вештачењата на телефоните и комуникацијата на секој од обвинетите, а во насока да покаже дека од нив може да се утврди нивната инволвираност во настаните.
Според телефонските анализи што ги наведе обвинителката, можеше да се заклучи дека обвинетите за време на убиствата не биле активни на своите телефони и имале многу пропуштени повици.
„Подоцна, во попладневните часови, еден по еден почнуваат да комуницираат преку мобилните, меѓу себе и со други лица“,
додаде таа.
Претходно обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска во завршните зборови од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски рече дека убиството на дете е директен напад на човечноста, чин кој не смее да се оправда и да се заборави и оти сторителите заслужуваат не само правна, туку и морална осуда од целото општество и заедница.
За грабнувањата се обвинети Љупчо Палевски-Палчо, како директен извршител на убиствата, Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Палевски и другите четворица се товарат за по две кривични дела убиство и грабнување, додека Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање при кривично дело грабнување.