Неговата адвокатка Иванка Јакимовска рече дека дента кога Јамалари е приведен, во полициска станица пријавил дека и самиот бил жртва на физички напад и ја пријавил градоначалничката за насилство. Таа предложи изведување низа докази, меѓу кои и потврда од полициската станица Бит-пазар за настанот, сведоци, меѓу кои и присутните полициски службеници и Сељајдим Љачи, лице првично осомничено во истата постапка, како и испитување вешти лица
Обвинетиот Сулејман Јамалари на денешната главна расправа во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни за невин за нападот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во Општина Чаир. Инцидентот се случи на 11 јули годинава на улицата „Севастополска“ во Скопје, кога таа била на терен со овластени лица по пријава за бесправна градба и нелегални приклучоци.
Јамалари е поранешен вработен во ЈП „Паркови и зеленило“ и е обвинет дека извршил грубо насилство врз Арсовска, при што ѝ нанел телесна повреда и предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв кај неа, но и на јавноста.

Неговата адвокатка Иванка Јакимовска рече дека дента кога Јамалари е приведен во полициска станица пријавил дека и самиот бил жртва на физички напад и ја пријавил градоначалничката за насилство. Таа предложи изведување низа докази, меѓу кои и потврда од полициската станица Бит-пазар за настанот, сведоци, меѓу кои и присутните полициски службеници и Сељајдим Љачи, лице првично осомничено во истата постапка, како и испитување на вешти лица.
Адвокатката побара материјалните докази поднесени од оштетената, меѓу кои фотографии и видеозаписи да не прифатат, сметајќи дека не се прибавени на законит начин.
Според обвинителниот предлог, Јамалари на местото каде што се случил инцидентот пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, при што ѝ нанел телесни повреди и ѝ изрекол сериозни закани.
„Физички ја нападнал, удирајќи ја со рака во пределот на лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил вербално да ја навредува и да ѝ се заканува“,
рече обвинителот Александар Давчевски.
Додаде дека обвинетиот ѝ се заканувал со погрдни зборови кон неа и нејзиното семејство.
Обвинетиот во моментов издржува мерка притвор.