Во соопштението од Обвинителството, се наведува и дека директорката одобрувала исплати од ставката „храна за болни“, иако производите не биле наменети за хоспитализираните пациенти, со што на болницата ѝ е нанесена штета од дополнителни 1,4 милиони денари

Во соопштението од Обвинителството се наведува и дека директорката одобрувала исплати од ставката „храна за болни“, иако производите не биле наменети за хоспитализираните пациенти, со што на болницата ѝ е нанесена штета од дополнителни 1,4 милиони денари.
Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен акт против осум физички и едно правно лице кои се обвинети за проневера во службата и злоупотреба на постапка за јавна набавка.
Обвинети се поранешната директорка на ЈЗУ Општа болница Прилеп, вработени во болницата, обезбедувач на установата, управител и двајца сопственици на агенцијата за обезбедување, а обвинителен акт има и за агенцијата за обезбедување.
Според информациите од Обвинителството, поранешната директорка и уште тројца вработени во болницата се обвинети за проневера. Според обвинението, во периодот од 2022 до јули 2024 година, поранешната директорка и тројца вработени присвоиле 9 605 081 денари. Парите, кои биле наплаќани од партиципација на пациентите, наместо во буџетот, завршувале кај физички лица преку фиктивни налози за работа.
За да ги оправдаат трошоците, обвинетите поднесувале сметки за гориво, но и од пицерии, ресторани и кафулиња, слаткарници.
За да ги прикријат дејствијата тие во компјутерскиот сметководствен систем на болницата внесувале податоци со невистинита содржина и ги коригирале записите со тоа што внесувале нови износи што одговарале на фиктивно изготвени налози за работа.
Поранешната директорка е обвинета и за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Покрај неа за ова се обвинети и еден обезбедувач во болницата, управител и двајца сопственици на правно лице за обезбедување на имот и лица, како и самата агенција за обезбедување.
Според обвинението, тие во два наврати свесно ги повредиле прописите за доделување договор за јавна набавка, со неизвршување на обврските од договорот за физичко обезбедување на болницата.
Иако ангажираната фирма не ги исполнувала обврските, услугите редовно биле плаќани со фиктивна евиденција, со што фирмата противправно заработила над 6,5 милиони денари.
Во соопштението од Обвинителството се наведува и дека директорката одобрувала исплати од ставката „храна за болни“, иако производите не биле наменети хоспитализираните пациенти, со што на болницата ѝ е нанесена штета од дополнителни 1,4 милиони денари.
Дополнително, директорката е обвинета за селективна исплата на додатоци за прекувремена работа на повеќе селективно избрани вработени, оштетувајќи го буџетот за уште 1,8 милиони денари.
Од Обвинителството велат дека во однос на еден дел од дејствијата кои биле предмет на истрагата поведена по кривична пријава од Управата за финансиска полиција и врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија, продолжува истражна постапка во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
