Истрагата на Обвинителството покажала дека првообвинетиот, кој е српски државјанин, со намера да одбегне плаќање данок, во годишните даночни биланси кои ги доставувал до УЈП давал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Не платил данок во вкупен износ од 16,7 милиони денари. Во даночното затајување му помогнале двајца службеници на УЈП
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против 10 лица и обвинителен предлог против уште 11 физички и четири правни лица за повеќе кривични дела поврзани со даночно затајување.

Според обвинението, во 2023 година била создадена група чија цел била вршење кривични дела како даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување. Организатори на групата биле српски државјанин – сопственик и управител на две обвинети правни лица, како и двајца службеници од Управата за јавни приходи. Во периодот од 2023 до 2025 година, на групата ѝ се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Истрагата на Обвинителството покажала дека првообвинетиот, односно српскиот државјанин, со намера да одбегне плаќање данок, во годишните даночни биланси кои ги доставувал до УЈП давал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Не платил данок во вкупен износ од 16,7 милиони денари. Во даночното затајување му помогнале двајца службеници на УЈП.
„Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со цел неосновано да побараат враќање на данок во име и за сметка на нерезидентни прави лица што немаат седиште во РСМ, но плаќаат ДДВ за услуги остварени во земјата, го довеле во заблуда даночниот орган давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави со што го оштетиле буџетот во износ од 33 620 551 денари. Во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства во вкупен износ од 401 227 898 денари“,
соопштија од ОЈО ГОКК.
Со обвинителниот предлог се опфатени службеници од скопската дирекција на УЈП кои, според ОЈО ГОКК, со умисла и со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета, искористиле исти прилики и не ја извршиле својата службена положба и овластување
„Со своите дејствија по поднесени барања за враќање на ДДВ преку полномошниците – обвинетите правни лица прибавиле имотна корист во вкупен износ од 349 652 595 денари и за истиот износ нанеле штета на Буџетот на РСМ. Десет лица се обвинети дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, додека едно лице дека сторило кривично дело фалсификување исправа“,
се додава во соопштението на Обвинителството.
ОЈО ГОКК бара продолжување на притворот за седум од обвинетите на кои веќе им беше одредена мерката, а дополнително поднесен е предлог за конфискување на движен и недвижен имот од осомничените во висина на предизвиканата штета на буџетот. Во текот на постапката веќе се замрзнати имот и сметки на првоосомничениот, па согласно меѓународното право,по завршување на постапката, конфискацијата ќе се бара од српските власти.
