На една недела пред денот на гласањето на предвремените парламентарни избори, шефицата на Специјалната мисија за оценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, Лаима Андрикиене, денеска упати апел за строго следење на националните здравствени протоколи.
„Сите што живеете и работите во земјава строго следете ги националните здравствени протоколи. Тоа е дел од нашите животи сега и секако, знаете, целиот изборен процес, сите засегнати страни се обврзани да го прават истото, мислам изборната комисија, учесниците на овие избори и исто така набљудувачите“,
изјави Андрикиене во интервју за Радио слободна Европа.

Во однос на нивната мисија, која поради епидемијата со ковид е со формат на специјална мисија за проценка на изборите, составена од девет члена, Андрикиене вели дека ќе покриваат многубројни области меѓу кои изборната администрација, избирачки список, изборната кампања и финансирањето на кампањата, како и поплаките и механизмите за разрешување на несогласувањата и целосната правна рамка за изборниот процес.
Дополнително, во нивниот мандат овој пат е детален медиумски мониторинг за целиот период на кампањата кој исто така ќе биде дел од нивната оценка на парламентарните избори.