Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, изјави дека вториот круг од изборите им понудил на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата била конкурентна во поголемиот дел од општините

Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови, се вели во прелиминарните наоди што денеска ги презентираа од меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ/ОДИХР.
Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, изјави дека вториот круг од изборите им понудил на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата била конкурентна во поголемиот дел од општините.
Набљудувачите оценија дека основните слободи на изразување, здружување и собири биле почитувани, а учесниците имале можност слободно да водат кампања. Сепак, тие посочија дека тонот на кампањата бил повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други.
Меѓународните набљудувачи оценија и дека продолжила вклученоста на владини претставници во изборниот процес, а имало и бројни обвинувања за купување гласови.
Шефот на мисијата, Мекачи, истакна дека ОБСЕ/ОДИХР го набљудува изборниот процес од септември и дека, иако правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, и понатаму постојат бројни недоследности и слабости.
Тие се однесуваат особено на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.
За вториот круг на локалните избори, ДИК акредитираше вкупно 1 622 набљудувачи од кои 957 беа домашни. Од странските набљудувачи најмногу имаше од ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права и тоа 500.
