ОБСЕ и ЕУ денеска го означија стартот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупцијата, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ.
Набљудувањето на судските процеси ќе започне месецов и ќе трае до декември 2023 година.
Амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Клеменс Која, истакна дека во рамките на овој проект ќе набљудуваат приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.

„Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето“,
рече Која.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.

„Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата, биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа, владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија“,
рече Гир.
Евроамбасадорот Гир истакна дека поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите и во контекст на проширувањето на ЕУ, а тоа во практика значи дека нашата поддршка во оваа суштинска област почнува уште од првиот ден и трае до самиот процес на зачленување во Унијата.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, истакна дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување позитивни резултати.

“Тоа ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава”,
рече Маричиќ.
Во своето излагање министерот за правда, пред првите луѓе на мисиите на ОБСЕ и ЕУ во земјава, се осврна и на важноста и придобивките од заедничката соработка, посочувајќи го проектот за мониторинг како значаен исчекор напред во борбата против корупцијата, којашто бара силна поддршка и вклученост на сите засегнати страни.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе го спроведе овој тригодишен проект финансиран од ЕУ. Преку набљудување на судските процеси, оваа регионална иницијатива промовира поефикасно спроведување на правдата во врска со случаи на сериозна корупција и организиран криминал. Во овој контекст, проектот придонесува во борбата против широко распространетата и системската корупција и организираниот криминал кои се закани за долгорочната стабилност и просперитет во целиот регион, беше речено на настанот.