Најголем број граѓани се за некој вид полуотворена економија во услови на пандемија
Ниска средна оценка добија властите во земјава за економските мерки и за образованието во оваа учебна година во истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Средната оценка за економските мерки на Владата е 2,3. Мнозинство испитаници 66,5% ги оцениле мерките со 2 или 3 на скала од 1 до 5.
Резултатите покажуваат дека најголем број граѓани се за некој вид полуотворена економија.

Меѓу двата екстрема: „да се воведат рестрикции и затворање затоа што здравјето мора да се заштити“ и „економијата треба да остане отворена без никакви рестрикции“, мнозинство од 57,7%, на скала од 1 до 7 најчесто ги одбирале скалилата 3 ,4 и 5, како што покажува последното истражување на МЦСМ „Ковид-19 – една година стравови, очекувања и желби за враќање во нормала“, спроведено од агенцијата „М-проспект“, во периодот од 12 до 17 март 2021 година на примерок од 1 003 испитаници.
Средната оценка што испитаниците му ја дале на образовниот процес за учебната 2020/2021 година, исто така, е 2,3.
Речиси една четвртина (23,3%) го оцениле образовниот процес со незадоволителен 1, а само 2,7% од нив сметаат дека е одличен. Мнозинството на испитаници (60,7%) сметаат дека Министерството за образование и наука нема план за новата учебна година за одвивање на наставата со физичко присуство. Истражувањето, како што наведуваат од МЦМС, покажа дека има влошување во односите во семејството во однос на претходната година.

„Иако мнозинство (58,6%) сметаат дека односите во нивното семејство останале исти, има намалување во однос на претходната година кога овој процент бил 71,0%. Околу една третина понекогаш или често чувствувале вознемиреност (37,3), страв (35,0%), лутина (34,1%), осаменост (32,7%) или тага (29,0). Овие чувства се поизразени сега, во споредба со претходната година. Исто така, поизразени се кај жените. Мнозинство од граѓаните (62,0%) сметаат дека не се случиле промени во нивното ментално здравје“,
посочуваат од МЦМС.
Граѓаните следат новости за пандемијата еднаш или повеќе пати на ден (70,1). Иако висок, овој процент, според МЦМС, покажува пад за околу 10 процентни поени во следењето на новости во однос на претходната година.
„Речиси две третини од испитаниците (64,4%) сметаат дека информациите се конфликтни и не може да изградат јасна слика за вирусот“,
велат од МЦМС.
