Тешко повредените се пренесени во Клиничкиот центар во Љубљана, пожарот е изгаснат, а фабриката има големи оштетувања
Точната причина за експлозијата засега не е утврдена, но според неофицијалните информации на Радио Словенија, експлодирал бојлер во фабриката

При денешната експлозија во словенечката хемиска фабрика „Меламин“ повредени се најмалку 20 луѓе, а двајца се исчезнати.
Сè уште не е познато што ја предизвикало експлозијата во фабриката, придружена со пожар, која одекнала утринава во хемиската фабрика „Меламин“ во центарот на словенечкиот град Кочевје.
Тешко повредените се пренесени во Клиничкиот центар во Љубљана. Пожарот е изгаснат, а фабриката е прилично оштетена.
Точната причина за експлозијата засега не е утврдена, но според неофицијалните информации на Радио Словенија, експлодирал бојлер во фабриката.
Експлозијата ја почувствувале и станарите од околните згради, а зградата на фабриката е сериозно оштетена, јави Н1 и додаде оти пожарникарите го локализирале пожарот што избувнал по експлозијата.
Полицијата била известена за експлозијата во центарот на градот Кочевје во 8:35 часот, по што службите за интервенција пристигнале на местото на несреќата.
„Им советуваме на сите жители во околината да ги затвораат прозорците и да не излегуваат надвор за време на интервенцијата. Исто така, не треба да се приближуваат до местото на настанот“,
велат од полицијата, а јави Н1.
Како што соопштила полициската управа во Љубљана, главниот пат низ Кочевје е затворен, а Универзитетскиот медицински центар Љубљана активирал план за масовни несреќи.
Локалната телевизија ТВ Кочевје на својот фејсбук-профил објави видео од опожарената фабрика каде што пожарот го локализираат противпожарните служби.