Последователните потреси од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги објаснија како афтершокови, кои се со помала јачина од главниот потрес од 5 степени утрово
Земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала повторно го погоди Гостиварскиот Регион, покажуваат податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар.

Тој се случил во 15:25 часот по локално време, на оддалеченост од 20 километри југозападно од Гостивар, од четврта категорија според тоа колку бил почувствуван и на длабочина од 10 километри.
Претходно денеска беа регистрирани два земјотреса со јачина од 3,8 и 3,6 степени според Рихтеровата скала во временски интервал од еден и пол час.

Првиот бил напладне во 11:59 часот со јачина од 3,8 според Рихтеровата скала со епицентар, како што стои во информацијата, на 38 односно 36 километри југозападно од Тетово.
Вториот, пак, бил во 13:26 часот по локално време со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала, но иако според јачината е послаб од првиот, тој бил повеќе почувствуван и е во категоријата 5.
Овие два потреси следуваат по првиот земјотрес, кој беше почувствуван на цела територија на нашата држава, со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала со епицентар во селото Леуново, во Мавровскиот Регион, на 15 километри од Гостивар.
Одрон и заматување на водата
Земјотресот најмногу се почувствува во Гостивар и другите градови во западниот дел од државава.
Досега како штета само е пријавен одронот на патот Косоврасти – Дебар.

Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово“ соопшти дека поради земјотресот има заматување на водата и им препорача на жителите од регионот да не ја пијат водата од чешмите.

Во 6:23 часот е почувствуван уште еден потрес со јачина од 3,6 степени, што се толкува како афтершок по првиот удар.
Последователните потреси од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги објаснија како афтершокови, кои се со помала јачина од главниот потрес.