Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) тврди дека нема како да се злоупотребат лични податоци на граѓаните и дека податоци се земаат само за да се задржни данокот на личен доход на оние кои оствариле добивка и тие се чуваат само на дневно ниво.
Ваквата реакција од АСОМ доаѓа откако денеска Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) објави за евентуални злоупотреби на лични податоци на граѓаните во спортските обложувачници и сомнежи за перење пари.
„Податоци се земаат само за да се задржи данокот“
Во однос на злоупотребата на лични податоци, од АСОМ велат дека такви податоци се земаат само од оние граѓани кои оствариле добивка за да се задржи данокот на личен доход во висина од 15 отсто од сите добиени тикети.
„Овие податоци се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплаќаат на дневно ниво во државната каса. Обложувачниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка, спортските обложувачници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од тоа“,
пишува во реакцијата на обложувачниците.
АСОМ дополнува дека личните податоци на играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до нив пристап има само обучен кадар кој работи согласно посебни протоколи и согласно позитивните законски прописи за Заштита на лични податоци.
„Податоци за играчите во обложувачниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци, според Законот за личен доход. Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување на исплата на тикет“,
велат од Асоцијацијата.
„Нема основ за сомнеж за перење пари, поврзани сме на надзорен систем“
Во својата реакција од АСОМ, се осврнуваат и на сомнежите на Антикорупциска за перење пари тврдејќи дека нема основ за такво нешто доколку за исплатените добивки е пресметан и платен данок на личен доход.
„Обложувалниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информациски систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Покрај на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР) до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Согласно ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувалниците без можности за грешки“,
објаснуваат Асоцијацијата.
АСОМ вели дека со своите изјави од ДКСК ја доверуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка. Затоа, ги повикуваат институциите да ги истражат сомнежите за да се расчисти случајот, што велат, е интерес на обложувачниците.
Денеска на седница на Антикорупциска, нејзиниот член, Горан Трпеноски, кој работел на случајот заедно со службите во комисијата, рече дека со првичната проверка регистрирале околу 40 000 евра кои биле ставени на даночните пријави на граѓани, без тие да знаат за тоа. Тие откриле случај за сомнеж на злоупотреба на личните податоци на граѓаните од спортските обложувачници и индиција за сомнеж за можно перење пари.
Известени биле МВР, Финансиската полиција, Финансиското разузнавање, Управата за јавни приходи со цел да ги проверат сомневањата за можни финансиски малверзации од страна на обложувачниците.
