Лицата што се наоѓаат на списокот ќе може во периодот од 18 март до 17 април годинава да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината во која живеат

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска го објави списокот на граѓани што се стекнале со право на ваучер за купување и вградување инвертер-клима уред. Со објавата почнува и последната фаза од постапката, во која 4 070 домаќинства ќе може во рок од 30 дена да ги подигнат своите ваучери во меѓуопштинските центри за социјална работа.
Лицата што се наоѓаат на списокот, објавен на веб-страницата на министерството, ќе може во периодот од 18 март до 17 април годинава да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината во која живеат. Покрај списоците, наведена е и документацијата што треба да се достави, како и текот на процедурата за подигнување на ваучерите.
Ваучерот овозможува набавка и вградување инвертер-клима уред од најмалку 3,5 киловати со енергетска класа А+, а може да се искористи најдоцна до 15 октомври 2026 година.
Од Министерството велат дека во следните денови ќе го објават и списокот на компании со кои се склучени договори за оваа мерка. Граѓаните ќе може да изберат клима-уред од понудата на овие компании, без дополнителна доплата, при што вредноста на ваучерот изнесува до 28 000 денари.
Како што соопштуваат од Министерството, станува збор за втората, завршна фаза од постапката, која се однесува исклучиво на домаќинствата што до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле критериумите утврдени во Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија. Списокот е достапен на веб-страницата на Министерството.
