Документите содржат скандалозни и вознемирувачки описи на сексуално насилство и служат како силен потсетник за страдањето на стотиците жртви на Епштајн, од кои многумина никогаш не добиле правда по неговата смрт во 2019 година
Американскиот претседател, Трамп се споменува стотици пати во новите документи. Трамп имал пријателски однос со Епштајн, но тврди дека истиот завршил пред многу години и негира дека знаел за неговите злосторства
Повеќе од три милиони нови документи и фотографии поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстајн се објавени вчера од страна на Министерството за правда на Соединетите Американски Држави (САД). Ова претставува најголем број документи што владата ги споделила откако законот го наложи нивното објавување минатата година, пренесува Би-би-си.

Досиејата се наречени како „Сет податоци 12“, и содржат три милиони страници, од кои голем дел се преписки преку маилови, со 180 000 фотографии и 2 000 видеа.
Досиејата вклучуваат детали за затворањето на Џефри Епштајн, вклучувајќи психолошки извештај, но и за неговата смрт во притвор, како и истражни записи за Џилејн Максвел, соработничка на Епштајн, која беше осудена за помагање во трговијата со малолетни девојчиња.
Документите содржат и преписки преку електронска пошта, што укажуваат на контакти на Епстајн со бројни влијателни личности.
Една од објавените преписки покажува дека американскиот министер за трговија Хауард Лутник и неговото семејство престојувале на приватниот остров на Епстајн во 2012 година. Лутник претходно тврдеше дека ги прекинал односите со него уште во 2005 година.
Многу од пораките и документите датираат од пред повеќе од една деценија и ги покажуваат врските на Епштајн за време на неговите правни проблеми. Во 2008 година, тој беше осуден во Флорида за барање сексуални услуги од четиринаесетгодишно девојче.
Тој почина во август 2019 година додека беше во притвор, соочувајќи се со обвиненија за трговија со луѓе.
Меѓу објавените документи е и порака од 2015 година во која тогашната советничка на Белата куќа, Кетрин Румлер напишала дека го обожава Епстајн. Румлер подоцна јавно изјави дека жали што некогаш го запознала.
Документите, исто така, покажуваат дека технолошкиот милијардер Илон Маск се обидел да организира патувања на островот на Епштајн во 2012 и 2013 година, и покрај неговите претходни тврдења дека ги одбил поканите на Епштајн. Во една порака, Маск прашува кога би била најлудатата забава.
Сепак, од маиловите не е јасно дали Маск некогаш го посетил островот.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон често се споменува во документите.
Документите содржат скандалозни и вознемирувачки описи на сексуално насилство и служат како силен потсетник за страдањето на стотиците жртви на Епштајн, од кои многумина никогаш не добиле правда по неговата смрт во 2019 година.
Една од жртвите за ФБИ изјавила дека кога имала околу 14 години, му се доверила на Епштајн дека претходно била сексуално злоставувана, по што и тој самиот ја злоставувал. Според записникот, таа се чувствувала искористено, но во исто време признала дека парите што ги добивала за масажи ја збунувале и емоционално ја оптоварувале.
Американскиот претседател, Трамп се споменува стотици пати во новите документи. Трамп имал пријателски однос со Епштајн, но тврди дека истиот завршил пред многу години и негира дека знаел за неговите злосторства.
Два маила од 18 јули 2013 година, се чини дека се напишани од Епштајн, но не е јасно дали некогаш се испратени до коосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс.
Едниот меил е напишан како писмо за оставка од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, во кое се жали на потребата од набавка на лекови за Гејтс за справување со последиците од интимните контакти со девојки од Русија.
Министерството за правда на САД наведе дека објавувањето на документите ќе продолжи во согласност со законот, со затемнување на чувствителните податоци, посебно оние што се однесуваат на жртвите.
