Оние кои не се примени во студентските домови може да поднесат приговори до 8 октомври. Резултатите се однесуваат само на студентските домови во Скопје, додека за другите градови ќе се објават во понеделник
Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсот за прием на бруцошите во студентските домови во Скопје. Примените студенти од прва година на студиите може да се вселат откако ќе го потпишат Договорот. Рокот за потпишување е 10 дена.
„Студентите кои се наоѓаат на објавените листи можат да се вселат во студентските домови по потпишување на договор со домот во кој се примени. Договорот е потребно да го потпишат најдоцна во рок од 10 дена од објавата на резултатите. Додека, приговори по однос на резултатите се доставуваат до Министерството за образование и наука („ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје), заклучно со 8 октомври 2021 година“,
соопштија вечерва од МОН.
Кога станува збор за прием на бруцошите во другите градови, најавено е дека резултатите ќе се објават во понеделник (4 октомври).
Годинава за првпат студентите за сместување во студентските домови аплицираа онлајн со прикачување на потребната документација, но имаше и опција за доставување на документацијата директно во студентските домови.