Рокот, додаваат од Министерството, за аплицирање на огласот за доделување на инвертер-клима уред е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025 година, а за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија е 30 дена, односно до крајот на август 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавни огласи за поддршка на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, како дел од Програмата за 2025 година. Достапни се две мерки и тоа субвенционирање на инвертер-клима уреди и финансиска помош за потрошена електрична енергија.
Огласот овозможува набавка и вградување на инвертер-клима уред со моќност од 3,5 киловати и енергетска класа најмалку А+.
Рокот, додаваат од министерството, за аплицирање на огласот за доделување на инвертер-клима уред е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025 година, а за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија е 30 дена, односно до крајот на август 2025 година.
На огласот може да аплицира едночлено семејство што во 2024 година имало вкупен нето месечен приход до 25 илјади денари, семејство со два члена и приходи до 31 илјада денари, тричлено семејство со 37 илјади денари и семејство со четири и повеќе члена до 43 илјади денари.
За оваа мерка, од министерството велат дека може да аплицираат и домаќинства чиј единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не надминувал 15 700 денари за едночлено домаќинство, 19 800 денари за домаќинство со два члена и 23 700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
На огласот не може да аплицираат домаќинства кои добиле субвенција за клима уред или печка на пелети во последните пет години, ниту оние што се приклучени на централно греење.
Оние граѓани што ќе аплицираат ќе треба да пополнат барање, да поднесат нотарски заверена изјава, копии од лични карти за полнолетните членови или изводи од матични книги за малолетните, копија од венчаница, потврда за развод или посмртница, доколку е применливо и копија од последната сметка за електрична енергија за 2025 година.
Огласот за финансиска поддршка за струја е наменета за домаќинства во кои има лица со одредени попречености, односно домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост и домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост, целосно слепи или целосно глуви.
За доделување на финансиска поддршка за потрошена електрична енергија заинтересираните граѓани потребно е да достават пополнето барање, нотарски заверена изјава за веродостојност на податоците, копија од решението за стекнато право на корисник на посебен додаток, копија од последната сметка за електрична енергија за 2024 година и копии од лични документи за сите членови на домаќинството.
Обрасците за аплицирање и дополнителни информации се достапни на веб-страницата на Министерството во делот „Јавни огласи“.
Документацијата се доставува по пошта или лично на адреса: ул. „Македонија“ бр. 27 – 1000 Скопје.
Од министерството велат дека за сите прашања, граѓаните може да се јават на контакт телефоните: 071 319 074 и 070 381 162, или да пишат на електронската пошта: [email protected].