Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент е една од осомничените во истрагата, меѓутоа таа се брани дека не знаела за парите што во домот ги донел нејзиниот партнер. Кога дознала, вели нејзиниот адвокат, побарала партнерот да му ги врати на сопственикот

Белгиската полиција денеска соопшти дека запленила речиси 1,5 милиони евра во рации во врска со наводите за корупција против луѓе поврзани со Европскиот парламент (ЕП).
Соопштението е објавено на Твитер заедно со слики на кои се гледа мал куфер, неколку актовки и хартиени кеси полни со евра.
Dans le cadre d’un dossier du Parquet Fédéral de suspicions de corruption, visant des personnes actives au sein du Parlement européen, la Police Judiciaire Fédérale a saisi près d’1,5 millions d’euros lors de perquisitions menées en région bruxelloise. pic.twitter.com/2UfK2zNtnm
— Police Fédérale (@policefederale) December 14, 2022
Во корупцискиот скандал кој деновиве во тресе Брисел досега се приведени четири лица под обвинение дека влијаеле на одлуките на Европскиот парламент во корист на домаќинот на Светското првенство Катар во замена за пари и подароци. Меѓу нив „падна“ и европратеничката од Грција и сега веќе поранешна потпретседателка на ЕП, Ева Каили.
Таа заедно со нејзиниот партнер, поранешниот европратеник Антонио Панцери и четвртото уапсено лице денеска треба да се појават на суд, каде што се очекува судијата да одлучи дали ќе им одредени мерка притвор.
Уште две лица беа приведени во петокот, но подоцна беа ослободени.
За парите Каили тврди дека не знаела дека се во нејзиниот дом.
„Позицијата на Каили е дека парите што беа најдени во нејзиниот дом, а ги донел нејзиниот партнер, не знаела дека постојат, а кога дозна, без да знае од каде потекнуваат, побара да бидат отстранети и да му бидат дадени на сопственикот“,
изјави нејзиниот адвокат, Михалис Димитракопулос за грчката телевизија „Скај“.
Кога ги открила парите во нејзиниот стан, според адвокатот, побарала од нејзиниот партнер да му ги пренесе на лицето на кое му припаѓаат, а во процесот на пренесување бил вклучен и татко ѝ.
Адвокатот истакна дека не може да го открие ниту името на сопствениот, ниту точниот износ и додаде дека никој не знае дека парите потекнуваат од Катар.