Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија го објавија Регистарот на професионални онлајн медиуми кои има околу 70-ина члена.
Регистарот е направен по примери од развиените демократски општества и од Советот на Европа.
„Процесот е резултат на поширока дебата за потребата од регулирање на проблемите во сферата на работењето на онлајн медиумите, како и ставот дека саморегулацијата е најмоќното решение за поттикнување на професионалноста на медиумите, не само во сегашните околности туку и на подолг рок“, кажа извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, објасни дека Регистарот ќе има широка намена, односно бизнисмените ќе бидат заштитени од уценувачите и непрофесионалните медиуми, а граѓаните многу полесно да ги препознаваат медиумите што ги почитуваат стандардите.
Сите граѓани можат да поднесат жалби до Советот за етика во медиумите на Македонија, доколку сметаат дека некој медиум ги прекршил стандардите.
„Само на тој начин ќе се спречат пропагандистите и уценувачите да бидат дел од Регистарот“, посочи Чадиковски.
Регистарот е поддржан и од Стопанската комора на Македонија.
„Креирањето на Регистарот е многу значаен момент за сите нас, затоа што е прв обид да се стави ред во медиумскиот простор. Стопанската комора во ова покажува дека во својата корпоративна општествена свест го има етаблирано и значењето на медиумите како значаен општествен чинител и коректив на власта“, рече претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Од почеток на јануари ќе биде во функција веб-платформата www.promedia.mk, на која ќе има детали за сите членови на Регистарот.