За потребите на Град Скопје ќе бидат наменети 80 автобуси, а останатите 40, како што рече министерот за транспорт Александар Николоски, ќе се распределат согласно економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа
Пред два дена е објавен јавниот повик за набавка за 120 еколошки автобуси од кои 80 ќе бидат наменети за Град Скопје, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за Канал 5.

Останатите 40 автобуси, како што рече, ќе бидат распределени согласно економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа. Според Николоски, еколошките автобуси се една од трите клучни работи што му се потребни на главниот град за намалување на аерозагадувањето.
Владата на 1 април годинава ја донесе одлуката за набавка на 120 екоавтобуси.
Набавката беше најавена од страна на премиерот Христијан Мицкоски во ноември минатата година, во момент кога ЈСП „Скопје“ два дена беше во целосен колапс поради недостиг на нафта за автобусите. Тој уште тогаш рече дека Владата е во фаза на анализа за набавка од 100 до 120 електрични автобуси заедно со 50-ина полначи, кои ќе бидат распределени во Скопје и во општините каде што има организиран јавен превоз.