Употребата на одредницата „македонски“ (Macedonian) добива дополнително на значење ако предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија се спореди со преговарачката рамка за Црна Гора, во која се користи синтагмата „официјален јазик“ наместо „црногорски“, како што е одредено со Уставот на оваа земја
За Хрватска, во преговарачката рамка пишува дека заедничкото европско право треба да се преведе на хрватски јазик и во согласност со оваа одредба, по приемот на земјата во ЕУ во 2013 година, хрватскиот стана еден од официјалните јазици на Унијата
„Северна Македонија ќе треба да го преведе заедничкото европско право (acquis) на македонски (Macedonian) доволно време пред зачленувањето…“
Ова е реченицата со која во предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија што вчера ја усвои Европската комисија (ЕК), македонскиот јазик се промовира во иден официјален јазик на Европската Унија (ЕУ). Предлог-рамката сега оди на разгледување кај земјите членки на ЕУ, кои треба да се усогласат за финалниот текст.
Она за што „360 степени“ извести вчера, денеска е ставено на директен увид на јавноста со објавување на документот на ЕК од ТВ 24.

Како што известивме, одредницата што се користи за именување на јазикот (Macedonian) е без никакви дополнителни објаснувања или фусноти. Тоа се смета за директна последица на затворањето на прашањето за македонскиот јазик со Договорот од Преспа.
Македонски јазик наспроти „официјален јазик“ на Црна Гора
Употребата на одредницата „македонски“ (Macedonian) за означување на јазикот на земјава дополнително добива на значење ако предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија се спореди со преговарачката рамка за Црна Гора, држава која од 2012 година преговара за членство во ЕУ. Во неа, како што може да се види од факсимилот подолу, се користи синтагмата „официјален јазик“ наместо „црногорски“, како што е одредено со Уставот на оваа земја.

За Хрватска, во преговарачката рамка пишува дека заедничкото европско право треба да се преведе на хрватски јазик. Согласно оваа одредба, по приемот на Хрватска за членка на ЕУ во 2013 година, хрватскиот стана еден од официјалните јазици на Европската Унија.

Македонскиот јазик се врати во документите на ЕУ по исчезнувањето во 2006 година
Во изминатите 15 години, Европската комисија и другите тела на Европската Унија воопшто не ја користеа синтагмата „македонски јазик“ (Macedonian language), а наместо неа, во употреба беа фразите „државен јазик“ (state language) или „единствен јазик во употреба во цела држава“ (single state language).

Терминот „македонски јазик“ (Macedonian language), пред вчера усвоената предлог-преговарачка рамка, последен пат може да се сретне во документ на Европската Унија во далечната 2005 година. Станува збор за Мислењето на Европската комисија по повод апликацијата на земјава за членство во ЕУ, поднесена во 2004 година, што беше основа за ЕК да препорача, а Советот на ЕУ да ѝ додели кандидатски статус на „Поранешна Југословенска Република Македонија“.