30 дена притвор доби 26-годишен велешанец осомничен дека се обидел да убие жена во полициската станица во Велес. Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка и го осомничи за кривично дело – убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
„На 17 октомври во полициска станица во Велес тој се обидел да лиши од живот една жена која била повикана како сведок за претходен настан во населбата Речани, каде осомничениот кршел чаши во игротека. Под дејство на алкохол од 1,41 промили во крвта, осомничениот во полициската станица ја фатил за коса оштетената, ја повлекол и на вратот ѝ ставил нож кој го извадил од јакната“,
соопшти ОЈО Велес.
Веднаш реагирале полициски службеници и други сведоци на настанот кои успеале да го совладаат, да му го одземат ножот и да го спречат во намерата да ја лиши од живот.