-За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави, вели шефот на државата Стево Пендаровски, по отворањето на клуб во рамките на културниот центар „Иван Михајлов“
Претседателот Стево Пендаровски реагира на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, за кој наведува дека иако културните центри насекаде во демократскиот свет се чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не ѝ служи на таа благородна кауза.
Реакцијата на Пендаровски следува по вчерашната церемонија во клубот во Битола, на која се појави бугарска делегација на чело со тамошниот премиер Кирил Петков.
„Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер“,
наведува Пендаровски.
Шефот на државата потсетува дека идејата да се формира комисија составена од историчари во 2017 година, била за да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ.
„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“,
наведува шефот на државата.
Денеска и премиерот Димитар Ковачевски кажа дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание. И Ковачевски го прокоментира именувањето на клубот по контроверзната историска личност.
Инаку, ниту „б“ од Бугари или Бугарија нема во основните цели и задачи на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, каде вчера се отвори клубот.
