Претседателот Стево Пендаровски утрово добил побројно обезбедување. Покрај неговото, на работа во Вила Водно се јавиле и неколку лица кои го обезбедувале поранешниот шеф на државата, Ѓорѓе Иванов.

До ваквото „засилување“ дошло како резултат на телеграмата која деновиве ја испрати техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев со која ги укинува наредбите за извршување задачи издадени од неговиот претходник во министерството, Оливер Спасовски, и ги враќа на претходните позиции.
Од кабинетот на Пендаровски ја потврдуваат информацијата, но велат дека лицата од обезбедувањето на Иванов и покрај тоа што се појавиле во Вила Водно не се ангажирани за обезбедување на Пендаровски.
„Не постојат измени во ресурсите и бројноста на професионалните лица од МВР кои се ангажирани за обезбедување на претседателот Стево Пендаровски, односно го обезбедува истиот тим лица од почетокот на мандатот. Во однос на бројот на луѓе кои го обезбедувале претседателот Иванов, а се опфатени со актите со кои се упатени на претходните работни позиции, ве информираме дека станува збор за неколку лица кои во моментов не се ангажирани за обезбедување на претседателот“,
велат од претседателскиот кабинет.
Поради истата телеграма, како што објави вчера „360 степени“, куќата во Куманово во која живее премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, пак, во саботата останала без полицаец во стражарската куќичка.
Недостаток на луѓе се појавил на граничните премини Долно Блаце и Јажинце на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток. Извесен вакуум се појавил и во обезбедувањето на амбасадите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка и резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија.
Без доволно луѓе останале и увидните екипи на крим-техника.
„360 степени“ вчера упати прашање до министерот Наќе Чулев – како планира да ги надмине проблемите што ги создала неговата телеграма од петокот и дали е точно дека кога сфатил за последиците, барал од дел од началниците со усни наредби да ги пополнат „дупките“.
Во одговорот, Чулев, пак, рече дека нема такви проблеми и дека не верува оти ќе има.
Телеграмата за укинување на наредбите од Спасовски е еден од дописите на Чулев, кои се чини направија хаос во фунцкционирање на МВР. Покрај оваа, во јавноста е познато за уште две други телеграми. Едната од нив се однесување за раздолжување на повеќе од триесет службени возила доделени на користење – дел на обезбедувањето на премиерот Спасовски, едно возило на дополнителната заменик-министерка, едно возило на обезбедувањето на претседателот на државата и неколку возила за специјални намени.