Првично се планира набавка на 800 илјади вакцини за 400 илјади македонски граѓани
Обезбедени се пари во буџетот за набавка на вакцини и лекови против ковид-19, соопштија во дебата на МТВ премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.
За вакцини против ковид-19 се планирани 390 милиони денари односно 6,7 милиони евра, а за лекот ремдесивир 67,5 милиони денари.
„Од кредитот со Светска банка, предвидени се средства и за вакцина, а на годишните средби исто така кажаа дека дополнително ќе ѝ дадат на државата пари само за вакцини“,
рече Бесими.
Премиерот Заев рече дека нашата проекција е 800 илјади вакцини, посочувајќи и на цени од некои производители, од 10,47 евра за вакцина односно за двете дози 21 евро.
Северна Македонија е во КОВАКС-системот преку кој се резервирани вакцините. Заев соопшти дека авансот ќе го платиме веројатно на почетокот на декември, а во 2021 година ќе бидат платени и 39 милиони денари или 6,7 милиони евра.
„Ако има потреба за повеќе, ќе обезбедиме дополнителни средства“,
рече Заев.
Тој информира и дека владата на Грција нарачала вакцини и за Северна Македонија и за Албанија и дека на разговорот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен било соопштено дека ЕК донела одлука, освен за земјите членки на Унијата, вакцината да биде набавена и за шесте земји од Западен Балкан.