Тој искажа сомнеж дека причина за смрт е и присуството на цијанид во телата на загинатите, но тоа, како што рече, не е утврдено со форензичките анализи на МВР, иако било оставено како можност

/ ФОТО: 360 степени“
Родителите на загинатите во т.н. кабаре „Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи на надлежните институции за причините за смрт на нивните најмили не се целосни и дека се потребни дополнителни вештачења.
Овие наводи пред почетокот на денешното рочиште во изјава за медиумите ги изнесе Александар Наунов, татко на загинато девојче во „Пулс“ и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.
Тој искажа сомнеж дека причина за смрт е и присуството на цијанид во телата на загинатите, но тоа, како што рече, не е утврдено со форензичките анализи на МВР, иако било оставено како можност.
Според анализите на кои се повикува Обвинителството, смртта на жртвите настапила како последица на труење со јаглероден моноксид. Ова, како што рече Наунов, го отвора прашањето за вистинските причини за смртта на нивните најмили.
„Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во Основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР-ОФИ (Одделение за форензички испитувања н.з.) ја потврдиле веројатноста дека испуштање на цијанидни гасови како последица на согорување на материјалите во клубот, е клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид, меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид, како и за токсиколошката анализа, при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата“,
рече Наунов.
Сепак, како што наведе, ова не е содржано во конечните обдукциски наоди. Ова, посочи тој, отвора сериозен сомнеж дека заклучокот за причината на смртта е донесен без комплетна и насочена токсиколошка анализа особено ако се има предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара посебно специфично испитување.
„Брзо се метаболизира и ако не се бара веднаш, се губи можноста. Може да предизвика смрт и без високи вредности, што е доказ во овој случај. Кај поголем дел од починатите вредностите биле ниски и нефатални, што е медицински и несоодветно за заклучок смрт од јаглерод моноксид“,
рече Наунов.
Според него, тоа што државните институции потврдуваат можност за присуство на цијанидни гасови во просторот, но истовремено не постои исто јавен достапен доказ дека овие гасови биле анализирани во телата на жртвите претставува сериозен медицински и правен јаз и судир меѓу институционални наоди.
„Имаме три неспорни факти од Институтот за хемија МВР-ОФИ што потврдуваат ослободување на цијанидни гасови. Обдукцискиот наод наведува исклучиво присуство на јаглероден моноксид како причина. Обдукцискиот наод признава дека други токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Сè додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена“,
кажа Наунов.
Ова, кажа тој, значи дека обдукцискиот наод е нецелосен и оти постои основа за дополнително и независно вештачење, со цел целосно утврдување на вистината, а во интерес на правдата и достоинството на починатите.
Инаку, во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На денешното рочиште воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, Александар Нацев, како и правните застапници на трите обвинети фирми за трагедијата.
Со тоа треба да заврши фазата на воведни зборови.
Во зависност од динамиката во која ќе се одвива излагањето на адвокатите, рочиштето би требало да продолжи со искази на сведоци на Обвинителството.
