Од вчера жителите на населбите Аеродром и Ново Лисиче најавија дека секој ден ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и „Србија“ додека не се реши проблемот со загадувањето од депонијата
Граѓанската „О2 иницијатива“ ги повика сите кандидати за градоначалници јавно да ветат дека итно ќе ја решат екобомбата со дивата депонија во Вардариште во Скопје откако таа во неделата попладне гореше, по што следните денови низ населбите Аеродром и Ново Лисиче се шири непријатен мирис на чад.

Од вчера жителите на овие населби најавија дека секој ден ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и „Србија“ додека не се реши проблемот со загадувањето од депонијата.
„Вардариште не може да чека. Апелот е до сите кандидати за градоначалници и советници во Град Скопје, Општините Аеродром и Гази Баба. Јавно и гласно да се обврзете дека ќе ја решите оваа еколошка бомба. Ова не е борба за функција, ова е борба за живот и здравје“,
се вели во соопштението од „О2 иницијативата“.
Од оваа иницијатива бараат итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште. Посочија дека за тоа е потребно Општина Гази Баба да ги изработи и донесе двата детални урбанистички планови (ДУП) за Вардариште.
„Додека проектите не се готови, потребно е запечатување, оградување, осветлување и 24-часовна чуварска служба и видео надзор на депонијата во Вардариште. Потребно е и транспарентно да се известува за секој чекор со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација“,
пишуваат од иницијативата.
Жителите на скопски Аеродром вчера во 18 часот го реализираа најавениот протест револтирани оти постојаниот чад доаѓа од палењето на депонијата во Вардариште.
Иако не беа во голем број, тие испратија порака до надлежните дека проблемот со Вардариште мора итно да се реши.

Некои од нив носеа и транспаренти на кои беше напишано „Вардариште е канцер“, „Сега и веднаш“.
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Каја Шукова, денеска на прес-конференција претстави план за решавање на дивата депонија во Вардариште, за кој додаде дека би се реализирал во две фази. Првата фаза вклучува заштита од палење на депонијата со оградување на Вардариште, физичка контрола и поставување видео надзор, а втората изградба на современана претоварна станица и целосна санација на контамираната локација.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска ѝ порачаа на Шукова да не се грижи ти за Вардариште има решение идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓеоргиевски.