„Целта на акцијата е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста на населението и зачувување на природната убавина на езерото“, велат од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид
Десетици нуркачи од земјата и регионот в сабота на повеќе локации на охридското крајбрежје ќе го чистат дното на езерото од пластика, метал и секаков цврст отпад, информираат од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.
Еколошката акција „Охрид ЕКО 2025“ се организира пред почетокот на туристичката сезона веќе четврта година по ред.

„Целта на акцијата е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста на населението и зачувување на природната убавина на езерото“,
велат од нуркачкиот центар „Амфора“.
Нуркачите од неколку локации ќе влегуваат во водите на езерото и ќе го чистат неговото дно, како кај Градското пристаниште во Охрид, кај Љубаништа, Заливот на коските и кампот „Градиште“ и кај Калишта.
Инаку, според мерењата спроведени од Управата за хидромеоролошки работи, денеска нивото на водата на Охридското езеро се наоѓа на котата 693,39 метри надморска височина. Водостојот, пак, е 26 сантиметри под просекот за мај или 29 сантиметри над дозволениот минимум.