Независната угостителска комора смета дека новите протоколи за организирање на свадби се контрадикторни и нелогични и со нив се прави ограничување во вршењето на угостителската дејност, односно им се дозволува работење само на определени угостителски објекти.
„Јасно и јавно кажавме и повторно напоменуваме дека свадби/прослави и веселби имало и ќе има во сите угостителски објекти кои се регистрирани за вршење на угостителска дејност и работат согласно шифрите на дејност 56 – Дејности за подготовка на оброци и служење на храна регистрирани согласно Законот за угостителска дејност во Централниот регистар на РСМ. Во ниеден закон, уредба или правилник не постои новосоздадениот термин – ресторани за свадби со кои се ограничувало или се ограничува организирање на свадби/прослави и веселби исклучиво под определени услови во одредени угостителски објекти. Свадби/прослави и веселби меѓу кои спаѓаат и крштевки, родендени, свршувачки, матурски, дипломски, разни годишнини не се организирале ниту ќе се организираат само во овие т.н. ресторани за свадби, туку се организирале и ќе се организираат во сите угостителски објекти“,
велат од НУК.
Од НУК обвинуваат дека немало соодветни претставници на нивниот сектор при подготовка на протоколите и посочуваат дека ќе може да ги спроведат само стотина угостителски објекти. А дополнуваат дека е направена неправда и кон музичката индустрија.
Откако по цела година Владата ја укина забраната за свадби по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера беше објавен и посебен протокол. Во новите правила за свадби дозволено е прославата да се одржува единствено во отворениот дел од ресторанот, а на гостите им е дозволено присуство во затворениот дел од објектот единствено при потреба за тоалет. На влезот ќе им се мери температура и на маса смеат да седат најмногу шестмина. Музичари, односно естрадни уметници кои се лиценцирани е дозволено да се ангажираат само за свадби и тие треба да бидат оддалечени најмалку 5 метри од најблиската маса за гости, без право на движење и пеење помеѓу гостите. Дозволено е играње на подиум со обезбедено простор од 4 м2 по лице при што е потребно да се почитува препорачаната дистанца.