Во информациите што ги пренесува весникот тие се повикуваат на прелиминарните извештаи од висок венецуелски функционер, кој сакал да остане анонимен

Најмалку 40 лица, вклучувајќи воен персонал и цивили, се убиени во американскиот воздушен напад врз Венецуела вчера рано наутро. Информациите ги пренесува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на прелиминарните извештаи од висок венецуелски функционер, кој сакал да остане анонимен.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека во нападот не се убиени американски војници, но призна дека неколку војници се повредени. Подоцна истиот ден, на прес-конференција во Мар-а-Лаго, генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, објасни дека американските хеликоптери, кои биле на мисија да ги извлечат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, биле нападнати.
Според него, еден хеликоптер бил погоден, но „останал пловен“, а сите американски авиони „се вратиле дома“.
Весникот пренесува дека во нападот имало цивилни жртви, особено во Катија Ла Мар, сиромашна крајбрежна област западно од аеродромот во Каракас, каде што била погодена трикатна станбена зграда, при што се урнал нејзиниот надворешен ѕид. Во нападот загинала 80-годишната жена, а уште едно лице е сериозно повредено.
Во американската акција во Каракас беа заробени венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.
Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција рече дека САД ќе ја водат Венецуела сѐ додека не се направи разумна транзиција на власта, но не даде временска рамка за тоа колку долго би можела да трае таквата транзиција.
Тој заедно со државниот секретар Марко Рубио и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, изнесоа детални информации за големата американска воена операција во која преку ноќ беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
